Твитер избриша 8.558 профили од Србија поврзани со владина пропаганда

Твитер избриша илјадници профили од Србија, Египет, Хондурас, Индонезија и Саудиска Арабија поради работење по владини директиви или промовирање на провладини содржини, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Меѓу нив има и 8.558 профили кои ја промовирале владејачката партија во Србија „Српска напредна странка“ и нејзиниот претседател Александар Вучиќ.

Твитер и останатите социјални мрежи се под притисок за отстранување на сите дезинформации и говор на омраза од своите платформи, а тие исто така добиваат и посебно внимание поради пандемијата со коронавирусот, која исто така се злоупотребува.

Оттаму соопштија дека профилите биле избришани затоа што ја кршеле политиката на платформата и биле намерно создадени како би поткопале јавна расправа.

Во меѓувреме, отстранети се и 2.541 профили кои се поврзуваат со египетскиот весник „Ел Фагр“, поради создавање лажни профили кои генерирале пораки со кои се критикуваат Иран, Катар и Турција.

„Информациите што ги добивме укажуваат на тоа дека профилите следеле упатства од египетската влада“, велат од „Твитер“.

Компанијата избришала и 3.104 лажни профили направени од една ИП-адреса во Хондурас од страна на владин службеник кои биле наменети за споделување на содржините од претседателот.

Истрагата која следеше по извештајот на истражувачката веб-страница „Белингкат“ резултираше со отстранување на 795 лажни профили поврзани со индонезиска информациска операција насочена кон движењето за независност на Западна Папуа.

„Твитер“ исто така отстрани и 5.350 профили поврзани со Саудиска Арабија кои работеле од Саудиска Арабија, Египет и Обединетите арапски емирати со чија содржина се фалело саудиското раководство, а се критикувал Катар и турските операции во Јемен.