Турција во април на референдум – што предвидуваат уставните измени?

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги одобри уставните измени, со што се отвора пат за земјата да се промени во претседателски систем, потврдија од неговата канцеларија. Заменик премиерот соопшти дека за 16-ти април се очекува референдум на ова прашање.

Ердоган рече дека реформата ќе обезбеди стабилност во време на нестабилност и ќе спречи враќање на слабите коалиции од минатото. Неговите критичари пак, се плашат дека тоа само ќе го зајакне авторитарното владеење во земјата.

Во краткото соопштение на веб-страната на претседателот стои дека законските измени се испратени до канцеларијата на премиерот за да се објават и да бидат ставени на референдум.

Според ББЦ, планираните реформи ќе ја претворат Турција од парламентарна во претседателска република. ББЦ наведува кои се клучните промени кои ги предвидуваат реформите:

  • Улогата на премиерот ќе биде значително намалена. Ќе бидат создадени нови функции на заменик претседател, веројатно двајца или тројца.
  • Претседателот ќе биде носител на извршната власт, како и првиот чивек на државата, а ќе ја задржи поврзаноста со политичката партија.
  • Тој или таа ќе добие можност за нови овластувања – да назначува министри, да го одобрува буџетот, да избира мнозинство од врховните и уставните судии и да носи одредени закони преку декрет.
  • Претседателот самостојно ќе има можност да прогласува вонредна состојба и да го распушта парламентот.
  • Парламентот ќе го изгуби правото да отповикува министри или да предлага сослушувања. Сепак, ќе може да  да почне процедури за импичмент или да го испитува претседателот со мнозинство од гласовите на пратениците. За процес на отповикување на претседателот ќе биде потребно дво-третинско мнозинство.
  • Бројот на пратеници ќе се зголеми од 550 на 600.
  • Претседателски и парламентарни избори ќе се одржуваат на ист ден секои пет години. Претседателот е ограничен на два мандати.

Доколку измените бидат поддржани на референдумот, тоа ќе овозможи Ердоган да остане на власт во земјата до 2029 година.

Парламентарната дебата за промена на турскиот устав помина со доста контроверзии. Од тепачка на пратениците, преку микрофон кој се користел како оружје, до заклучување на независен пратеник за говорницата со лисици.