Трнодолци не се согласуваат со предлог ДУП-от, Карпош најавува нова расправа во 2020

Жители на Трнодол викендов повторно се собраа да дискустираат за предлог ДУП-от ДУП-от Ј03 Блок 7, по што излегоа со став дека остануваат на барањата доставени до Општина Карпош, советниците, комисиите за урбанизам, до Градот Скопје и до советниците.

Сметаат дека градоначалникот Стефан Богоев изнесува лаги и дезинформации, а бараат било кој предлог ДУП во Карпош да се носи со почитување на законите, Уставот и меѓународните документи со кои се гарантираат основните човекови права и слободи.

„За да поверуваме во ветувањата на градоначалникот треба истите да биде преточено во сосема нов ДУП каде нашите несогласувања ќе бидат корегирани согласно законските нормативи за УПП и Заштита на животната средина, од причина што предложениот ДУП е донесен во против правна и против уставна постапка“, соопштува иницијативата од Трнодол.

Дел од тие несогласувања ги повторуваат бидејќи, како што велат, е лага дека се удоволени на нивните барања.

„Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП за поделба на населбата на два дела и спојување на еден дел од населбата кон Шпанско село, а друг дел од населбата (дел од ул.Јан Хус и над Јан Хус) кон населба Жданец и бараме да се изготви нов регулациски план за Трнодол со почитување на целовитоста на населбата и природните зададености на теренот. Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП за затворање на влезот и излезот на населбата Трнодол кон улица ‘Козле’ и проектирање на нов влез и излез, преку долот, позади сервис ‘Тотоле’, преку едниствената улица ‘Нерешка“ за влез и излез во населба Жданец“, соопштува иницијативата.

Понатаму, дополнуваат дека не се согласуваат со решението во новиот предлог ДУП со вцртување на новопроектирана сообраќајница – како сервисна улица низ населба „Трнодол“.

„Таа е дел од постојната улица ‘Трнодол’, преку дел од постојната ‘Лесновска’ до вкрстувањето со улица ‘Презвитер Константин’, делот од ‘Презвитер Константин’, па се до приклучувањетo на ‘Јужна обиколница Водно’ и отворање на населбата кон ‘Шпанско село’ и Козле, бидејќи истото ќе значи зголемување на сообраќајот на моторни возила и градежна машинерија низ самата населба која и така во моментот ги надминува границите на максималниот капаците. Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП со предвидени градежни парцели за колективно домување под брдото на објекти од 18, 16 и 13 метри висина, помеѓу бензинската на Макпетрол, Германска амбасада и самото брдо. Во новиот предлог ДУП НЕ е предвидено решение за заштита на земјиштето од лизгање при изградба на овие парцели и НЕ е земен во предвид во 2010 г. направениот елаборат за геомахинички испитувања на земјиштето и заштита на тлото под населбата од лизгање“, велат жители на Трнодол.

Исто така, велат тие, не се согласуваат што пред изработка на новиот предлог ДУП не е направена хидролошка студија за водотеците при проектирање на решенија за долот и каналот помеѓу Трнодол и Шпанско село, кој во дел претставува претставува заштитна поројница и при несоодветни решенија може да дојде до поплавување и поткопување на брдото и дел од населбата Козле.

„А листата е многу долга и спремни сме да ја изложиме на било која национална телевизија, поготово во дебатна емисија со градоначалникот, се разбира доколку тој има храброст да се соочи со аргументите!“, вели иницијативата од Трнодол.

Од Општина Карпош, пак, потенцираат дека Предлог ДУП-от ЈО3 Блок 7, за потегот околу Трнодол и дел од Козле ќе биде ставен на повторна јавна презентација и јавна анкета во првата половина на 2020 година. Од општината тврдат дека во јавноста кружат неосновани обвиненија дека ДУП-от ќе биде донесен на следната се дница на Советот на Општина Карпош, што според нив е апсолутно неточно.

„Целиот процес ќе продолжи да се одвива отворено како и до сега, а на барање на жителите, Јавната презентација ќе се одржи во подобри просторни услови. На тој начин, се надеваме дека ќе ги мотивираме нашите сограѓани да дојдат и да се информираат за новиот Предлог – ДУП. Повторно, истакнуваме дека овој Предлог – ДУП не предвидува никакви нови населби или уништување на зеленилото. Целосно е заштитен зелениот појас и истиот ќе добие намена Д2 односно заштитно зеленило. Намалена е катноста на објектите, а спорната Јужна обиколница со новиот ГУП ќе биде целосно избришана. Во овој ДУП истата се предвидува единствено од технички аспект, заради законски нужното усогласување со посточекиот ГУП“, велат од Карпош.

Според општинарите, со новиот Предлог – ДУП се воведуваат и дополнителни мерки за максимална безбедност на теренот. Односно, ДУП-от предвидува задолжителни геомеханички испитувања на теренот, заштита на земјиштето со потпорни ѕидови и шипови пред почеток на било каква градба.

„Само за илустрација, веќе постоечкиот ДУП кој сега е на важност, воопшто не ги содржи овие дополнителни мерки кои би се однесувале за објектите под Трнодол (позади „Макпетрол“).  Апелираме до граѓаните да бидат спокојни во однос на безбедноста и ефектите кои може да ги има градењето врз истата. Завршено е времето кога ДУП-овите се носеа на сила, далеку од очите на јавноста! И покрај големиот број на лажни информации и напади, ќе продолжиме транспарентно да го водиме овој процес и ќе ги искористиме сите легитимни средства, за да им овозможиме на нашите сограѓани подобар увид во Предлог – ДУП-от“, соопштува Карпош.

Од таму тврдат дека новата Јавна анкета повторно ќе трае и по завршување на работното време на граѓаните, за да се овозможи поголема видливост на ДУП-от и да ги процесираат нивните забелешки преку анкетните листови.

„Во меѓувреме, на веб страната е достапен графички и текстуален дел од овој ДУП, каде што сите страни можат да се уверат во горепосоченото. Насилството и агресијата не смеат да бидат одлики на една од најразвиените општини во нашата држава, Општина Карпош. Затоа ќе продолжиме процесот да го водиме низ призма на транспарентност, дијалог и соработка со сите вклучени чинители“, се вели во соопштението на Карпош.