Скопски саем и Младински образовен форум ја најавуваат трибината, насловена „Рефлексија на политиките за мобилност во високото образование: Како до исполнување на европските цели за 2020“. Трибината ќе се одржи утре (8 мај), од 11:00 до 13:00 часот во Сала 3 (дел за презентации) на Скопски саем.
На трибината, Младински образовен форум ќе ги презентира клучните податоци од истражувањето за „Мобилност на студенти и академски кадар на Универзитетот Св. Кирил и Методиј“. Притоа ќе се споделат искуства и знаења од релевантните претставници на институции и ќе се отворат прашања за моменталните политики за мобилност во високото образование кои ги спроведува Македонија, ефикасност и ефективност на нивната имплементација, стратешките определби на институциите во постигнување на европските цели, како и искуствата на корисниците на овие програми.
Говорници на настанот се: Моника Божиноска (Младински образовен форум), Гоце Величковски (Национална агенција за европски образовни програми и мобилност), Ана Митровска (Национална агенција за европски образовни програми и мобилност) како и преставник на координативното тело за спроведување на Ерасмус програмата на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.
Трибината е во рамките на саемската манифестација „Денови на образование и кариера 2015 “ и се однесува на Болоњскиот процес и програмите на ЕУ, кои даваат поддршка во реализација на академска мобилност, како Erasmus, Tempus, Erasmus Mundus и Marie Currie, и како тие придонесуваат кон значително зголемување на академската мобилност во Европа. Македонија е земја која е вклучена во програмата Еразмус плус, и нашите студенти можат да ги користат европските фондови кои ќе им овозможат здобивање со знаења и вештини на некои од европските високо образовни институции.