Трибина во Менада посветена на култниот писател Тери Прачет

Вечерва во Менада, ќе  се одржи трибина посветена на неодамна починатиот култен писател Тери Прачет. Насловот на трибината и истовремено нејзина тема е „СМРТТА ЗБОРУВА СО ГОЛЕМИ БУКВИ“, а потребата за нејзиното креирање и организирање е повеќе од оддавање почит кон неодамна починатиот автор. Почетокот на трибината, во организација на издавачот Арс Либрис е најавен во 20 часот.

Тери Прачет, кој почина на 12 март годинава, е најпознат по епското дело – хумористично-фантастичниот серијал „Дисксвет“. Освен тоа што целта на трибината е да се направи мал омаж на авторот, идејата е преку поттемите да се опфатат и следните прашања: хуморот како еден од начините на разгледување на универзалните прашања: религиозни, општествени, политички, морални; хумористичниот поглед на животот и смртта; предизвиците на преводот на книжевен хумор, особено предизвикот за превод на делата на Тери Прачет.

Трибина во Менада посветена на култниот писател Тери Прачет

Ова е и повод издавачот да ги промовира третиот и четвртиот дел од серијалот Дисксвет („Еднакви ритуали“ и „Морт“), кои ќе бидат во продажба за време на настанот, а потоа на саемот на книгата од 5-ти до 11-ти мај.

Модератор на настанот ќе биде Ана Зафирова, а учесници: Д-р Александар Таковски, Анета Мострова-Јованова, М-р Дејан Василевски и Д-р Милан Дамјаноски.

По трибината следува проекција на документарец, објавување на конкурс за краток хумористичен расказ во рамки на блогот на издавачот – blog.literatura.mk, како и забава во чест на авторот со коктели на смртта, токму како што и самиот би посакал.