Трибина во автономна зона: Државниот испит не може да ги оцени студентите

Теоретско учење кое не доведува до вистинско знаење, недоволно простории за одржување на предавањата, но и неквалитетното оценување со воведување државен испит се дел од проблемите на кои укажаа студенти и професори во текот на денешната трибина во аулата на Филозофски/Филолошки факултет. Тие сметаат дека нов Закон за високо образование не може да се донесе ако претходно не бидат решение постоечките пропусти во образованието.

Дискусијата беше организирана од студентите кои веќе трет ден ја окупираат факултетската зграда, како можност да се слушната идеите за тоа што треба да се менува во високото образование.

Студентите од Факултетот за Драмски уметности го повторија своето прашање, како е можно еден тест со пет прашања да ги оцени нив и нивната уметност.

„Сметам дека сето тоа е небулоза и дека не може никако да се спроведе и за да не биде дека само делата се ценат треба да има и тероија. Да, учиме и теорија, но никогаш не може уметноста да биде главното тоа. Можеш да ги знаеш сите правила на држење на молив кога се црта или сите програми за графички дизајн, монтажа или што и да е, или да имаш било каков апарат за да снимаш, но ако го немаш тоа во себе и ако не знаеш како да го користиш тој алат, џабе. Така што, мислам дека државниот испит може да го цени само алатот, но не и умешноста“, рече Горјан Атанасов, студент на Факултетот за драмски уметности, од катедрата за филмска монтажа.

Според профeсорката Љубица Костовска од Економскиот факултет, овој законот за државен испит треба да се повлече, а ако веќе се разговара, забележа таа, треба да се разговара за нови теми.

„Јас не можам да го прифатам тој државен испит, затоа велам дека е „таканаречен“. Не постои државен испит во светот во текот на студирањето. Има државен испит на факултети, откако луѓето ќе дипломираат, а некој да го спроведува за време на студирање претставува само фабрикување на пари и создавање на функции“, вели Костовска.

Професорот Светомир Шкариќ пак, се потсети на протестите кои студентите ги одржаа во 1968, кога студентите во Југославија протестираа против општествените случувања и истакна дека студентите треба да учат од тогашните грешки, за да не ги повторат. Тој додаде дека не верува во државниот испит, а уште помалку во законите кои се носат од 90-те па до денес.

„Кој може да спроведува испит подобро од професорите? И тоа професори кои цели 40 години работат на еден предмет, а замислете еден државен испит во некоја просторија каде што има претставници од владата и ако некој од тие дежурни пет минути остане подолго ќе мора да плати голема казна. Јас лично во испитите не верувам. Тоа беше целта на Болоњскиот систем. Да ги надмине испитите и да се развијат различни размислувања“, рече Шкариќ.

Во дискусијата се вклучи и студентка која смета дека проблемите треба да се лоцираат уште во основното образование.

„Тука е цел процес на основно, средно и високо образование, каде што мислам дека во основно и во средно образование немаме доволно знаење за да можеме да продолжиме на високо образование. Така што мислам, дека тоа што го налага Болоњнскиот систем е всушност интеракција помеѓу студентите и професорите, а не активно предавање и пасивно слушање. Поради тоа мислам дека немаме изградено критички став и мислам дека се добри оваа окупација и сите протести, тие се нашиот прв чекор кон тоа“, рече таа.

За своите позитивни искуства од студирањето, но и за тамошниот однос на студентите и професорите, на трибината зборуваше студентка која три години студира во Словенија.

„Многу е важно, многу е лесно да се погоди еден систем каде што вие ќе ги евалуирате вашите професори и ќе ги евалуирате предметите што вашите професори ги предаваат и колку кредитни точки тоа вистински вреди. Ние тоа го правиме во Словенија. За да запишеш година мораш да потполниш анкета за тоа колку ти се допаднал професорот и дададеш коментар за да го процениш и колку вистински е вреден овој предмет поради тоа што мораме да сфатиме дека ние сме тие коишто доаѓаме на факултет за да бидеме инспирирани за да бидеме правилно усмерени и тоа нас ни дава право да ги избереме професорите коишто нас ќе ни предаваат“, сподели студентката.

Студентите од автономната зона, во рамки на културно-образовните активности најавија дека на факултетот ќе се одржуваат повеќе вакви дискусии за образованието. Студентитете веќе трет ден кампуваат на Филозофски/Филолошкиот факултет, а од вчера започна окупација и на техничките факултети.

Емилија Петреска