Трибина „Крај на расипништвото“ во „Менада“

„Граѓанките и граѓаните со децении се соочени со една горчлива реалност. Луѓето во институциите на кои им се доверени високи одговорности, животот, здравјето, достоинството, правдата, правата и слободите, манифестираат краен неморал и алчност. Привилегии во какви што уживаат функционерите во Република Северна Македонија ретко каде може да се најдат низ светот, а секако не во развиените демократски држави. Привилегиите што самите функционери ги гласале низ годините, од осамостојувањето на земјата до денес, не се ништо друго освен злоупотреба и расипништво. ЦИВИЛ бара да се стави Крај на расипништвото“.

Вака гласи најавата на трибината на ЦИВИЛ – „Крај на расипништвото“, посветена на истоимената иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите.

Трибината ќе се одржи во среда од 17 часот во „Менада“.

Според ЦИВИЛ, најголема и самата по себе доволна е привилегијата да им се служи на интересите на граѓанките и граѓаните, да се работи на развој на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи. Како што велат, не постои и не смее да постои поголема привилегија од тоа.

„Барањата за укинување на привилегиите на сите функционери, избрани и именувани, поранешни и сегашни, на локално и на државно ниво, беа објавени во соопштението на ЦИВИЛ на 14 мај. Организацијата ги достави барањата до Собранието на РСМ на 17 мај 2019 година, во пет минути до дванаесет часот. Голем број медиуми ги објавија барањата на ЦИВИЛ, а граѓанките и граѓаните ја изразија својата поддршка преку стотици коментари, но и јасно формулирани предлози како да се регулираат привилегиите на функционерите. До ЦИВИЛ веќе стигнаа повеќе предлози, па дури и подготвен законски текст за регулирање на позициите и статусот на функционерите и административците, што ќе биде споделено со јавноста на самиот настан. ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да се придружат на иницијативата КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО и да придонесат кон укинување на привилегиите на функционерите, односно нивно регулирање и ставање во разумни рамки, соодветни на можностите на граѓанките и граѓаните“, соопштуваат од ЦИВИЛ.

Повеќе информации за иницијативата ТУКА.