Три пријави за „Јавна соба“ во МВР, никој не побарал помош во центрите за социјална работа

Ниту една пријава или барање за психолошка помош не стигнала досега до центрите за социјална работа, поврзани со групата „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“, велат од Министерствотот за труд и социјална политика. Од Министерството за внатрешни работи пак информираат дека досега имаат добиено три пријави за овој случај.

Од Кабинет на дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, велат дека никој не побарал помош за случајот кој ја вознемири јавноста, откако се дозна дека во групата „Јавна соба“ со над 7000 членови, се споделуваат експлицитни фотографии и видеа на девојки, од кои дел и малолетни.

„Повторно упатуваме апел до родителите и до сите девојки кои беа изложени во вознемирувачката група, да исконтактираат со нашите центри за социјална работа. Дополнително, специјализираниот тим во Центарот за социјална работа во Скопје е во функција 24/7. Телефоните за контакт се 078 230 943 и 076 381 762.
Стручните тимови на центрите за социјална работа стојат на располагање за психолошко советување и помош за сите жртви на секаква форма на родово засновано насилство, како што е во овој случај“, апелираат од Министерството.

Радио МОФ упати прашања и до МВР, за тоа колку пријави за случајот има стигнато и до нив, како и колку од нив се одесуваат на малолетници.

„Ве известуваме дека на официјалниот е-маил на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика (cybercrime@moi.gov.mk) до денеска (петок, 31 март н.з.) се  пристигнати три пријави за случајот „Јавна Соба“: од Прва детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“,  Internet Hotline Provider Macedonia Association и Хелсиншкиот комитет за човекови права“, е одговорот од МВР.

Ден претходно, во изјва за „Мета“, Славјанка Петровска, заменик министерка за внатрешни работи вели дека седум девојки од Скопје, Кичево, Тетово и Штип пријавиле во Бирото за јавна безбедност дека нивни фотографии биле злоупотребени во „Јавна соба“.

Неколку дена откако случајот стигна до јавноста, „Јавна соба“ на Телеграм беше затворена, а полицијата најави кривични пријави за администраторите. Сепак, пред да биде затворена, во групата се споделуваа линкови на слични групи, но под други имиња, како на Телеграм, така и на други социјални мрежи.