Три општини заедно со невладините во борба против дискриминацијата врз ЛГБТ лицата

Куманово, Штип и Струмица се првите три општини кои во соработка со ХЕРА и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници усвоија Протокол со цел спречување и заштита од дискриминација, врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација.

Трите документи изработени за трите засебни општини беа презентирани денес, на Завршната конференција за унапредување на заштитата од дискриминација со фокус на сексуалната ориентација и сексуалниот идентитет, организирана од двете организации.

„Повеќе од 10 години ХЕРА во рамки на своите сервиси обезбедува медицински, социјални и правни услуги на ранливите групи на граѓани. Но, услугите не можат да бидат ефикасни доколку не се почитуваат сексуалните и репродуктивните права на клиентите и ако тие не бидат заштитени од дискриминација“, вели Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.

Јовановски додава дека ХЕРА се повеќе работи на градење на капацитетите на државните институции на централно и локално ниво, се со цел да ги зајакне институционалните механизми во борбата против дискриминацијата.

„Тоа подразбира напори за донесување и менување на политики и регулативи кои треба да придонесат за подобро препознавање на случаи на дискриминација кон ЛГБТ лицата, а кои во последно време се соочуваат со постојано насилство, говор на омраза и општествено неприфаќање“, смета тој.

Потенцира дека само три од општините прифатиле да соработуваат со нив.

„Главната пречка повторно беше сексуалната ориентација и родовиот идентитет, што покажува се уште каков ефект имаат овие зборови во нашето општество и зошто ние мораме и понатаму да продолжиме да работиме на оваа тема“, заклучува Јовановски.

Потребата од континуирано потсетување на јавноста за препознавање и пријавување на случаите на дискриминација, особено на локално ниво, велат дека се заснова на фактот што бројот на претставки е во постојано опаѓање.

Поради тоа, основани се Координативни тела за заштита од дискриминација во трите општини, составени од координатор за еднакви можности за мажите и жените, подрачни канцеларии на Народниот правобранител, подрачни единици за бесплатна правна помош на Министерството за правда и здруженијата на граѓани. Нивна цел е заеднички да работат на информирањето на граѓаните како да препознаат и каде да пријават дискриминација.

Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција, вели дека пред неколку години дискриминацијата врз овие лица би била непопуларна тема, но граѓанското општество не кренало раце од решавање на овие проблеми.

„Сепак, вистината е дека во Македонија имаме проблем со дискриминација. Ова е прилично дискриминаторно општество и тоа го докажуваат другите истражувања на релевантни организации. Немањето волја да се промени законот за спречување и заштита од дискриминација нас не става во нов предизик – како на други начини да обезбедиме ефективна заштита од дискриминација и врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, смета таа.

Што се однесува на заштитата од дискриминација врз ЛГБТИ заедницата, во текот на изминатата година Министерството за труд и социјална политика спроведе консултативен процес за измена на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Организациите се надеваат дека ќе се усвојат измените кои ќе вклучуваат сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, што воедно ќе ги охрабри ЛГБТИ луѓето да пријавуваат дискриминација.

Комисијата за заштита од дискриминација во 2016 одлучувала по неколку случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во повеќето случаи Комисијата не  препознала дискриминација и соодветно да ги примени одредбите на законот. Исклучок од ваквата пракса и позитивен пример бил случај во кој Комисијата за заштита од дискриминација утврдела дискриминација врз основа на родов идентитет и определила надомест на штета.

Наташа Бошкова, адвокатка од Коалиција, потенцира дека пред да се донесе законот за спречување и заштита од дискриминација во 2010 година, во Македонија немало интегриран систем на заштита од дискриминација, туку тоа се водело под различни закони. Тогаш постоечки механизми за заштита биле само основните судови и Народниот правобранител, со ограничена надлежност да постапува за овие случаи.

С.Т.