Трговците да ги вратат старите цени на гумените чизми, лопати, ракавици

Владата на последната седница донела одлука цените на флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, маски, средства за дезинфекција, но и гумени чизми, лопати, да се вратат на нивото до 5 август 2016 година.

Оваа одлука, појаснуваат од Министерството за економија, се носи бидејќи имало случаи на злоупотреба од трговците, односно од Државниот пазарен инспекторат забележале зголемени цени по поплавите во скопскиот и тетовскиот регион.

„Имено, користејќи ја зголемената побарувачка на овие производи, некои трговци ги зголемија цените на флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, гумени чизми, лопати, заштитини маски и средства за дезинфекција, па целта на оваа Одлука е да се вратат цените на овие производи на нивото кое важело до 5 август 2016 година (пред поплавата), кога побарувачката за овие производи била нормална, т.е. немало побарување на значителни количини за овие производи. Имајќи во превид дека цените на производите трговците ги утврдуваат самостојно и како резултат на ова цените на овие производи се различни кај секој одделен трговец, со враќањето на цените на нивото од 5 август 2016 година не се нарушува правото на трговците за самостојно формирање на цени, бидејќи истите тогаш биле формирани самостојно“- се наведува во соопштението од Министерството за економија.