Тргна зелениот камион, еколошка училница на тркала за основци

Од дворот на основното училиште „Гоце Делчев” во Прилеп,  денеска стартуваше едномесечната практична настава за климатски промени во еколошката училница на тркала – зелениот камион. Со ова УСАИД започна со реализација на практична настава за климатски промени во основните училишта од десет општини.

Во текот на првата недела, зелениот камион ќе посети седум основни училишта во Општина Прилеп, каде што учениците и наставницитеод еколошките секции ќе се состануваат и користејќи ја лабораториската опрема во камионот ќе прибираат податоци и ќе вршат научни мерења на појави во атмосферата, хидрологијата и почвата кои се поврзани со климатските промени. Во текот на практичната настава, младите ќе научат да го пресметуваат јаглеродниот отпечаток на нивните училишта, а истовремено ќе имаат можност да ги објават своите наоди на веб страницата на организацијата која го спроведува проектот.

На кампањата која ќе се спроведе во Прилеп, Кривогаштани, Пехчево, Делчево, Виница, Богданци, Боговиње, Маврово Ростуше, Теарце и Студеничани, и претходеше и практична обука за наставниците, Тие учеа како да изведуваат практична настава за климатските промени со помош на вистинска опрема и експерименти во зелениот камион, а врз основа на глобалната програма за изучување и опсервација во полза на животната средина.

Целта на иницијатива, појаснуваат од УСАИД, е да се поттикнат националните основни училишта да воведат, развијат и спроведат ефективна наставна програма за практична настава и истражувачко образование од областа на климатските. Ова треба да се стори преку јакнење на капацитетите на наставниот кадар и поспоставување стандарди кои ќе обезбедат ефикасна реализација на ваквите програми. Ваквите проекти, сметаат од УСАИД, ќе ја зголемат јавната свест за климатските промени и ќе ја инспирираат следната генерација на активисти за заштита на животна средина и борба против климатските промени.

Следната недела зелениот камион ќе ги посети основните училишта во Кривогаштани. Проектот е на УСАИД, а го спроведува здружението Милиеуконтакт Македонија.