Трето издание на „ПИН“ музичка конференција, земја во фокус е Словенија

Во организација на меѓународниот музички фестивал Таксират, годинава ќе се одржи третото издание на „ПИН“ музичката конференција, од 25-ти и 26-ти ноември во Младински Културен Центар во Скопје.

Годинава, програмската фокус-земја е Словенија, па во рамки на случувањата за време на конференцијата, посебен дел ќе биде посветен на гостите, музичките искуства и музичарите од Словенија кои ќе бидат претставени во соработка со љубљанскиот МЕНТ фестивал. Како специјален гостин, МЕНТ фестивал на ПИН конференција ги претставува новите музички сили на Словенија, а трите музички имиња во нивна селекција се KOALA VOICE, ČAO PORTOROŽ и BLAŽ.

Покрај гостите од Словенија, во рамки на „ПИН“ ќе бидат претставени концертни настапни на нови музички таленти од повеќе земји, а финале на овие два дена ќе биде годинашното издание на ЛУЗЕР ФЕСТ, вечерта на 26-ти ноември, со што и ќе биде затворена музичката конференција, а најавено последното одбројување до финалната концертна програма на Таксират 18. Во тој контекст, „ПИН“ конференцијата ќе послужи како база за вмрежување на музичките професионалци и работници, промоција на артистичките вредности и проширување на клутурната размена меѓу регионите.

Конференција започна да се одржува во 2012 година како прва меѓународна музичка конференција во Македонија и претставува иницијатива за актуелизирање и развој на музичката сцена. Учеството на конференцијата ќе биде бесплатно за сите посетители од Македонија, но со задолжителна претходна регистрација.