Тренеска Дескоска: Нов закон за високо образование и затворање на про-форма дисперзираните студии

Крај за екстерното тестирање, нов Закон за високото образование и анализа на дисперзираните студии за затворање на непродуктивните, најави новата Министерка за образование и наука, Рената Тренеска Дескоска, на првата пресконференција по стапувањето на функција.

По формалното примопредавање на функцијата, таа ги соопшти ставовите кои Министерството ќе ги има кон некои од најконтроверзните образовни прашања во јавноста.

Во врска со укинувањето на екстерното тестирање, најави дека дури и да се задоцни со измените на законот, постои начин тоа да не се спроведе оваа година.

„Ќе стасаме, се надевам дека ќе стасаме. Но, дури и во таа најцрна варијанта, на неконструктивно однесување на опозицијата, постојат алтернативни начини екстерното тестирање да не се спроведе оваа година“, рече Тренеска Дескоска.

Новата министерка најави и изработка на целосно ново законско решение за високото образование.

„Бев дел од протестите кои беа против постојниот Закон за високото образование, заедно со студентите кога всушност и почна будењето на граѓаните против претходната власт. Сметам дека актуелниот закон е лош закон, кој не ги решава проблемите на високото образование туку креира проблеми. Враќањето на автономијата за кои се боревме ние како универзитетски професори, е една од клучните цели во нашата програма и тука ќе биде фокусот. Така што, очекувајте набрзо формирање работна група која ќе подготвува нов Закон за високото образование“, изјави таа.

Тренеска Дескоска најави дека по добиените информации во Министерството ќе се оцени каде има реална потреба од дисперзираните студии, а каде тие се отворени про-форма и немаат ефект, додавајќи дека политиката на Министерството нема да биде насочена кон квантитет, туку кон квалитет во образованието.

„Досега имаше универзитети кои имаа формално дисперзирани студии, а немаше никаков бенефит и ефект од нив. Македонија има потреба од квалитетно образование и фокусирање на средствата во квалитетни наставни програми и студии. Оние коишто нудат квалитет и задоволуваат потреби на квалитетно високо образование ќе останат, но оние кои постојат само про-форма и значат непродуктивно трошење на буџетски средства без квалитетно образование – нема да постојат“, рече таа.

Министерката најави дека ќе се залага за широка дебата со сите чинители во областите каде што ќе се направат реформи и дека во образованието нема да се прават брзи и непромислени чекори, бидејќи тоа може да има погубен ефект.

Таа додаде и дека ќе се заложи за што поголема достапност на образованието до учениците, а најави и дека ќе ги задолжи службите во Министерството до следната недела да ја скенираат состојбата во ресорот по што ќе се одлучи кои ќе бидат точките кои ќе бараат итно делување.