Трансформерите ја чуваат Подгорица

Во рамките на манифестацијата „Подгоричко културно лето“, во главниот град на Црна Гора, минатата седмица беше поставена првата од најавените седум скулптури на Данило Балетиќ под името „Трансформерите ја чуваат Подгорица“.

Трансформерите ја чуваат Подгорица

Скулптурата во облик на робот, висока шест и пол метри, а тешка три тона е поставена во центарот на градот. Сите шест скулптури пак ќе се стават на различни локации, а последната и најголема ќе биде поставена на 23 јули на градскиот плоштад со официјалното отворање на изложбата и придружна програма. Оттогаш, па се до 5 август кога завршува „Подгоричкото културно лето“, жителите на Подгорица ќе бидат „чувани“ од седумте роботи.

„После две години макотрпна работа конечно успеав да изложам еден од седумте направени Трансфоремери. Го нареков Бобо, во чест на мојот пријател Бобан Иванович, кој минатата година трагично настрада во сообраќајна несреќа. Неверојатен сплет на околности е дека оваа скулптура ја поставувам точно на денот кога мојот пријател требаше да го прослави својот 21 роденден“ – изјави младиот уметник Данило Балетиќ по повод поставувањето на првата од седумте скулптури.

Основен концепт на оваа изложба е оживување и трансформирање на отпадот преку креативен пристап и работа со создавање предмети кои имаат употребна вредност. Своите трансформери, младиот Данило Балетиќ ги направил користејќи метален отпад.

Извори:Pobjeda/Dan