Трамп ги затвори границите за сириските бегалци

Американскиот претседател Доналд Трамп забрани влез во САД на бегалците од Сирија на неопределено време. Дополнително го сопре, на три месеци, издавањето визи на државјани на други шест, доминантно муслимански држави, меѓу кои и Ирак, Иран, Јемен и Либија.

Трамп го потпиша документот во Пентагон, по церемонијата на свечено давање заклетва на новиот државен секретар за одбрана, Џејмс Метис.

„Воведувам нови мерки за проверка, со намера да се задржат радикалните исламски терористи надвор од Соединетите Американски Држави. Сакаме да ги примиме само оние кои ќе ја подржуваат нашата земја и ќе го сакаат нашиот народ“, изјави Трамп.

Групите за човекови права го осудија овој потег, потенцирајќи дека не постои врска помеѓу сириските бегалци во САД и тероризам.

Во Њујорк имаше собир на граѓани во подршка на бегалците и мигрантите ФОТО: Гардијан

Под претседателскиот указ, во кој се опфатени повеќе сегменти. Примањето бегалци е целосно суспендирано на четири месеци.

Помеѓу останатите мерки се и:

– Суспензија на американската Програма за прием на бегалци на 120 дена

– Забрана за бегалци од Сирија додека не бидат направени „значајни промени“.

– 90 дена суспензија на сите кои доаѓаат од Ирак, Сирија, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен, освен одредени виза-категории како дипломати.

– Да се даде приоритет на следни апликации за бегалци од оние кои се прогонувани за нивната религија – но, само ако личноста е дел од малцинска религија во нивната држава.

– Лимит од 50 илјади бегалци во 2017 година – помалку од половина од горниот лимит кој постоеше под претходната администрација на Барак Обама.

Малала Јусафзаи, тинејџерката нобеловец за мир, која беше застрелана по нејзината заложба за образование на жените во Пакистан, напиша дека ова го „скршила нејзиното срце“.

„Америка го врти грбот на историјата со која се гордее, на добредојде на бегалците и имигрантите – луѓето кои помогнаа да се изгради вашата земја, подготвени да работат напорно во замена за фер шанса за нов живот“, додаде таа.

Сенаторот Камала Херис, од Демократската партија, истакна дека наредбата била потпишана на Денот на Холокаустот. „Немојте да мислите поинаку – ова е забрана на муслимани“, напиша таа.

„За време на Холокаустот, не успеавме да ги примиме бегалците како Ана Франк во нашата земја. Не смееме да дозволиме историјата да ни се повтори“, додава Херис.

Преку долг напис на својата платформа, реагираше и сопственикот на Фејсбук Марк Закерберг. Тој изрази загриженост од претседателскиот указ додавајќи дека, како и многу Американци, тој има потекло од имигранти.