Традиционалните медиуми незаинтересирани за младите, спас се бара во интернетот

Партизацијата на медиумите и борбата за рејтинг по секоја цена ги трга младинските теми од традиционалните медиуми, содржините кои се пласираат не одговараат на интересите на младите, а спас се бара во интернетот кој засега останува слободна зона.  Ова се дел од заклучоците изнесени на трибината „Млади и медиуми – Како до заеднички интереси?“, каде младинските организации, новинарите и медиумските експрети ги вкрстија ставовите за состојбата и иднината на младите во медиумскиот простор. Дебатата пак беше поткрепена со резултатите од регионалното истражување на оваа тема кое ги одреди главните насоки на дискусијата.

Дебата за младите и медиумите во Македонија

Младите во медиумите се портретираат или како креативци кои се иднината и кои треба да ја спасат државата, или пак како проблем кој треба да се решава, вели Марјан Забрчанец, извршен директор на Младинскиот образовен форум.

„Јас сметам дека пристапот треба да биде поинаков, дека младите треба да се портретираат како парнер на оваа држава и општество бидејќи тие половина милион граѓани не можеме да ги изолираме од целокупното живеење“, истакна Забрчанец.

Како проблем тој ги наведува и содржините кои медиумите ги пласираат кон младите, а кои се однесуваат главно на спорт и забава, додека ги нема во оние содржини клучни за нивното општестеено постоење, како економија, политика и образование.

Според новинарката Зорана Гаџовска од Радио Слободна Европа, младите се заинтересирани и за политика и за општествени прашања, а доказ за тоа е читаноста на младинската колумна која редовно се објавува на нејзиниот медиум.

„Не е точна тезата според мене дека младите се аполитични ако го земеме како факт податокот дека подмладиоците на партиите имаат по десетици илјади членови. Од друга страна Македонија има традиција на млади премиери, на млади министри такка шти не се согласувам дека младите се аполитични, нив ги интересира политиката , ги интересира општествената ситуација“, вели Гаџовска.

Ставот на новинарот Зоран Бојаровски, е дека младите треба да заборават на традиционалните медиуми, бидејќи речиси сите се инструирани од еден центар кој одлучува кои теми ќе се обработуваат.

„Заборавете ги традиционалните медиуми, нема потреба, соочете со тоа дека немате потреба од нив. Интернетот е се уште, не знам до кога, но се надевам дека ќе го задржиме, слободна територија каде што младите и според истражувањето се чувствуваат најдобро и пласираат најмногу информации“, вели Бојаровски.

За Дарко Булдиовски, директор на NewMedia MK, проблемот со недостиг на младинските теми во медиумите лежи главно во трката по публика.

„Кога важните вести ќе поминат добро и ќе донесат повеќе публика кај еден медиум, тогаш тој медиум можеби ќе почне да креира повеќе вести од таков тип“, вели тој.

Резултатите од регионалното истражување  Македонија покажуваат дека додека три четвртини од младите читаат електронски вести, дури 14% од младите никогаш не прочитале печатен медиум. Најинтересни содржини за младите се документарните и играни филмови.  Речиси половина од младите сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, а општиот заклучок е дека младите малку веруваат на содржините во медиумите. Во однос на слободата на говор на интернет, кој е најкористен медиум од страна на младите, една третина од нив секогаш се чувствуваат неудобно да објавуваат политички ставови.