Топлата вода „на рати“ за студентите од „Гоце Делчев“

Студентите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ повторно се жалат на проблеми со топлата вода. Во блокот Б, велат дека топла вода немале неколку дена. Во А блокот пак, објаснуваат дека топлата вода е луксуз, а проблемите со недостигот почнале уште во октомври, со спуштањето на температурите.

Како што објаснува за Радио МОФ студентка сместена во блокот А  во „Гоце“, топлата вода главно ја има во утринските часови и стигнува само до ниските катови.

„Од октомври, веќе 2 месеци имаме проблеми“, вели студентката. Истото го тврдат неколкумина нејзини колеги. Велат, се научивме да се тушираме со ладна вода.

Директорот на Државен студентски центар-Скопје, Дарио Никовски пак, тврди дека нема проблем со топлата вода.

„Ја има постојано“, уверува директорот. Во блокот Б појаснува, деновиве имало дефект кој траел помалку од 24 часа и веќе е отстранет. Во блокот А, пак, додава, студентите имаат топла вода.

„Може да се случи да снема топла вода само во попладневните часови, на час, час и половина, кога студентите се враќаат попладне од факултет“, додава Николовски.

Утрово во „Гоце“ речиси и да немаше студенти, но затоа имаше топла вода. И на првиот, и на тринаесетиот кат. Студентите со кои разговаравме се надеваат дека ова ќе потрае. Барем до вечерва.

Ј.Ј.