„Т’к Так Фест 2015“ со рекорден број на демо бендови

Четвртото издание на „Т’к Так Фест“ годинава ќе се одржи на 5-ти септември, на градскиот базен „Ал Пачино“ во Кавадарци со почеток од 21 часот.

Публиката ќе има можност да ужива во настапите на легендарните кавадаречки и македонски бендови „Коцка Лед“, „Црна Точка“, „Паја Бенд“, „Експирианс“, „Д Брадрс Бенд“, минатогодишните победници „Хроматик Поинт“, уникатните „Фолтин“, а вечерта ќе ја затвори DJ Danne Mandzikoski.

Покрај овие бендови, годинава фестивалот бележи рекорден број на демо бендови. „Астероид“, „Колт“, „Медуза“, „Кхара“, „Екс Ју“, „Броока Бенд“, „Оловна Рестрикција“, „РеволтедМКД“ и „Џоа Бенд“ се имињата на деветте демо бендови кои го поминаа последниот филтер на селекционата комисија и ќе бидат дел од четвртото издание на најголемиот македонски демофестивал „Т’к Так Фест“.

Селекционата комисија на „Т’к Так Фест“ составена од врвни македонски рок музичари и критичари и годинава имаше сериозен предизвик при одбирањето на бендовите, за сепак на крајот во конкуренција на 24 бендови да бидат одбрани само девет, кои ќе понудат авторска музика, и тоа во повеќе рок стилови.

„Задоволство ни е што годинава имавме голем интерес за учество на фестивалот, факт кој самиот по себе говори дека демо бендовите во фестивалот препознаваат одлична можност за промоција на својата авторска музика на голема сцена, но и можност за соработка и дружење со врвни имиња од македонската музичка сцена“, вели во изјавата за медиумите Марко Матиев од организациониот одбор на фестивалот.

„Конкурсот и официјално заврши во петокот, по што селекционата комисија до организациониот одбор ја достави листата на демо бендови кои ќе се натпреваруваат за првите три места на фестивалот кои носат соработки со врвни македонски музичари и продуценти, но и Гран при наградата „Трајко Каров“ која фамилијата Карови ја доделува на најдобриот тапанар, а е во вредност од 30.000 денари. На листата на демо бендови кои годинава ќе се најдат во натпреварувачкиот дел се девет бендови, и тоа: „Астероид“, „Колт“, „Медуза“, „Кхара“, „Екс Ју“, „Броока Бенд“, „Оловна Рестрикција“, „РеволтедМКД“ и „Џоа Бенд“, информираше Матиев.