Тинејџерите во Шведска ќе добијат бесплатна книга „Сите треба да сме феминисти“

Во Шведска започна дистрибуцијата на феминистичката книга „Сите треба да сме феминисти“ од авторката Чимаманда Нгози Адиче, на сите 16-годишни ученици во земјата. Се работи за иницијатива поддржана од властите, за која се избори Шведското женско лоби, со цел да го поттикне дијалогот за феминизмот во една од земјите со најголема родова еднаквост во светот.

„Ова е книгата која би сакала да ја прочитаа сите мои машки соученици кога имав 16 години. Чувствувам дека е многу важно да се придонесе во овој проект. Ова е подарок за сите ученици од втора година во училиштата, но исто така е и подарок за нас самите и за идните генерации“, вели Клара Берглунд, претседателката на Шведското женско лоби.

„Родовата еднаквост е еден од темелите на шведското општество“, пишува на официјалната веб-страница за родова еднаквост во Шведска. Владата презема многу мерки за обезбедување на родовата еднаквост – 12 од 24 министри во кабинетот се жени, а според законот, и мажите и жените добиваат еднакво породилно отсуство од работа, од 480 дена.

Авторката на книгата „Сите треба да сме феминисти“, Адиче, е од Нигерија, а живее во САД. Книгата е заснована врз нејзиниот есеј претставен како ТЕД говор во 2012 година, кој досега го имаат видено повеќе од два милиони луѓе. Дел од овој говор е вметнат и во песната „Flawless“ на поп ѕвездата Beyonce.