„The Present“ – групна изложба во МКЦ

Во Mладински културен центар (МКЦ) од 21 октомври (понеделник) од 20 часот ќе биде отворена групната изложба „The Present“.

МКЦ за изложбата пишува:

„Да се (пре)живее исклучиво од уметност во општество во кое владее финансиска и економска нестабилност, низок животен стандард и никакви критериуми за вреднување е (скоро) невозможно. Затоа, уметноста на СЕГАШНИНАТА (освен онаа комерцијалната), најчесто e ПОДАРОК за публиката. Со цел да го остварат сопствениот креативен порив, притоа вложувајќи многу енергија и средства (тука спаѓаат пред сè финансиските, кои се клучни за набавка на материјали за работа), младите автори се исправени пред дилема: да се твори и остави трага т.е. да се биде активен или да се седи лежерно на кауч пред телевизор чекајќи/мечтаејќи да дојдат подобри времиња? Во време во кое сме претопени во општа незаинтересираност, апатија, затапеност, непродуктивност и стагнација при соочување со реалноста/сегашноста, единственото прашање е: Дали таа, сегашноста, е само премин меѓу две состојби: носталгија и утопија? Повеќето од овие млади уметници својот (без)излез и будење на себството го гледаат во носталгичната свесност за минатото. Преку (воз)обновување на духовното, мистичното и далечното, тие создаваат сопствени системи на вредности, идеали и симболи.

Нивниот бојкот се препознава токму во незаинтересираноста и исклученоста од актуелните опшествени, социјални и политички случувања. Целосно романтичарски, преку враќање во некое минато идилично време, ама и враќање кон природата и црпење директна инспирација од неа, го задоволуваат сопствениот творечки импулс. Другиот начин на промена на тивката неподносливост на сегашноста е преку остра критика на мрзеливоста и безволноста. Со целосна трансформација на урбаната дефиниција за одложувањето на одредена акција „The couch is the new chair“, преку конкретно дело („The couch“, Ива Станковска) и хиперпродуктивност се повикува на дејствување и креирање. Активностa наспроти мрзата e клучна во заобиколувањето на целиот тој феномен на „тапкање во место“ и е една од алтернативите за „изменета сегашност“, но и подобро утре“.