Тепачки и повредени ученици во две скопски средни училишта

Тепачки и повредени ученици во две скопски средни училиштаДесетина ученици вчера беа повикани на разговор со полицијата откако во текот на денот, во две посебни тепачки се судрија две групи средношколци. Едната тепачка се случила во дворот на средното медицинско училиште, ДСМУ „Панче Караѓозов“ , втората во кругот на „Димитар Влахов“.

Утрото околу 8 часот, во кругот на медицинкото училиште „Панче Караѓозов“ поради претходна расправија дошло до тепачка помеѓу малолетниците В.Л.(16 од една страна и Б.Б.(16), како и Ќ.К.(17) и Ф.А.(17) сите од Скопје. Како што стои во полицискиот извештај, учениците си разменувале тупаници и клоци, при што си нанеле видливи повреди. Радио МОФ ги контактираше надлежните од ова училиште. Оттаму велат дека се запознаени со случајот, а од страна на педагогот или психологот, детали за немилиот настан најавија во текот на утрешниот ден.

Попладнето пак, околу  17 часот и во  дворот на средното училиште „Димитар Влахов“ се случила голема тепачка. Група од неколку ученици физички ги нападнале учениците С. Ф. (17) и М.М. (17) од Скопје, додека по основ на сомнение  на разговор се повикани четири малолетни лица, Џ.М.(16) и Ј.Б.(15) од селото Арачиново и уште две деца осомничени за учество во тепачката на возраст од 13 и 14 години.

Од полицијата велат дека се работи на расветлување на двата случаи.