Тензична средба меѓу претставници на Студентскиот пленум и ректорот на УКИМ Стојковски

Тензична средба меѓи претставници на Студентскиот пленум и ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски се одржала вчера во Ректоратот на најголемиот универзитет, соопшти Пленумот.

„Следствено на барањата кои Студентскиот пленум ги постави, земајќи го предвид отпочнувањето со градежни активности во главниот универзитетски комплекс (зградите на Факултетот за компјутерски науки и информатика и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје), вчера (21.12.2015) во 10 ч. се одржа средба со Ректорот на УКИМ, проф. д-р. Велимир Стојковски. Но, на наше изненадување на средбата, иако неповикани и ненајавени, присуствуваа и Деканите на гореспоменатите факултети.

Целокупната атмосфера на средбата беше тензична и непријатна, а воедно и најмалку достојна за академска средина. Во текот на разговорот Пленумот беше напаѓан со тврдењето дека станува збор за група студенти кои се противат на изградбата на згради за своите колеги од двата факултета. Наспроти тоа, ние во неколку наврати истакнавме дека ги разбираме и препознаваме потребите за изградба на две нови згради. Проблематично е, се разбира, градењето на сегашната локација. Дополнително, градењето следи по една целосно нетранспарентна постапка.

Ректорот на Универзитетот, пак, постојано настојувајќи да се изземе себеси од одговорност, истакнуваше дека земјиштето не е на Универзитетот, па оттаму тој не е надлежен да ја сопре изградбата. Но, спротивно на неговите тврдења, согласно Имотниот лист кој беше изваден од Катастарот на Република Македонија, носител на правото на сопственост на соодветното земијште е токму Универзитетот! Имајќи предвид дека Имотниот лист, согласно закон, е јавна исправа би сакале да го запрашаме Ректорот зошто самиот ги негира своите надлежности јасно наведени во законските и подзаконските акти?

Понатаму, барањето на Пленумот за свикување на вонредна седница на Сенатот на Универзитетот, на која ќе се ревидира постапката за одобрување на градење, беше веднаш отфрлено. Единствениот понуден аргумент во таа смисла беше дека не постои вонредна ситуација, па така не е ни потребно одржување на вонредна седница. Сепак, беше кажано дека на наредната редовна седница како точка на разговор ќе се постави токму проблемот со градењето. Во однос на таа седница беше даден и предлог за пополнување на празните места на Студентскиот парламент од страна на пленумците. Земајќи го предвид предлогот, ние јасно потенцираме дека таквото пополнување на празните места во Сенатот не го решава проблемот на нелегитимност и нелегалност на Парламентот. Проблем за кој, всушност, Пленумот говори веќе цела година. Поради тоа, предлогот нема да биде прифатен, а ние одново ќе го истакнеме нашето барање да се одземе правото на Парламентот да ги претставува студентите, како и да се измени Статутот на Универзитетот, со цел да се создаде посоодветно составена студентска репрезентативност.

За крај, би сакале уште еднаш да потенцираме дека Студентскиот пленум не се противи на создавањето на подобри услови за колегите од споментатите факултети. Напротив, ние всушност и се залагаме за тоа. Сепак, проектите за подобри услови треба да бидат правно издржани, долгорочни и промислени. Во спротивно, не би биле ништо поинакви од сите досегашни проекти на Министерството за образование и наука“, велат од Пленумот.