Техно сензацијата Dubfire и јужноафриканската ѕвезда Black Coffee на „Грин бич фестивал“

Седмото издание на „Грин бич фестивал“ што ќе се одржи на 30 и 31 јули во Охрид го најави настапот на техно сензацијата Dubfire и јужноафриканската ѕвезда Black Coffee.

Од глобален комерцијален успех, па сѐ до култен статус во андерграунд музиката Ali Shirazinia е името на човекот кој се крие зад проектите со псевдонимот Dubfire. Тој претставува артист чија движечка сила, талент и интуиција му овозможија да го ужива епитетот како најдобар и најбаран проект во електронската музичка сцена секаде низ светот. Интеркативната визуелизација на 2D и 3D проекции и изведување на неговиот музички перформанс во живо со голем број машини го прават екстравагантното и уникатно доживување наречено HYBRID.

Јужноафриканската диџеј суперѕвезда Black Coffee доаѓа прв пат пред македонската публика и ќе ја пренесе енергијата од водечките клубови од Ибица, Мајами и Њујорк. Иако е на сцената повеќе од 10 години и зад себе има пет студиски албуми, бројни синглови и едно ДВД издание. Со карактеристичен звук кој го претставува африканското наследство, Black Coffee во светот на електронската музика е препознатлив по студиозните, таинствени и речиси спиритуални диџеј сетови кои ги обиколуваат најголемите сцени од мегаклубовите на Ибица, преку берлинскиот Панорама Бар, па сѐ до фестивалите како што се Сонар, Монтрео Џез или Коачел. Последниве 10 години тој ја предводи музичката куќа „Soulistic“ која под своја закрила има плејада одлични млади уметници кои настапуваат ширум светот. Со желба да им помогне на младите, минатата година заедно со САЕ институтот во Јужна Африка, тој ја покрена и програмата „Black Coffee Foundation Scholarship“ со која им помага на студентите по продукција на звук, а кои не се во можност да го финансираат своето школување.

Својот настап на фестивалот го потврдија Ame и James Zabilela. Продажбата на билети по промотивни цени е започната и ќе трае до 18 јули.