Тајландски активисти, обвинети за навреда на монархијата, „исчезнаа“ во Виетнам

Тројца активисти од Тајланд кои се соочуваа со обвинение за навреда на монархијата исчезнаа откако претходно беше објавено дека се уапсени во Виетнам, посочија невладините организации.

Заменикот премиер на Тајланд, Правит Вонгусван ги негираше обвинувањата дека активистите се во притвор во Тајланд, откако на такво нешто посочија од тајландскиот сојуз за човекови права.

Политичкиот активист Чучеп Чивасут, заедно со активистите Сиам Теравут и Критсана Таптаи, на 8 мај, наводно биле предадени на тајландските органи од страна на Виетнам, се вели во соопштението на Хјуман Рајтс Воч.

„Наводното тајно, принудно враќање во Тајланд на тројца истакнати активисти треба да биде аларм за меѓународната заедница“, изјави Бред Адамс од азиското биро на организацијата.

Од седиштето на Амнести Интернешнл изјавија дека Чучеп веќе подолго време се соочувал со обвиненија за навреда на монархијата. Сиам и Критсана исто така биле под полициска истрага за истото дело.

Во членот 112 од кривичниот законик на Тајланд е наведено: „секој кој ќе го навреди кралот, кралицата, нивниот наследник ќе се соочи со казна затвор до 15 години“.

Организациите за човекови права ги обвинија тајландските власти за многу поширока примена на законот после воениот пуч во 2014 година, како начин да се замолчат критичарите.

Во петокот, во одделен случај, поранешен студент по право бил ослободен од затвор еден месец порано, пред завршување на неговата две и пол годишна затворска казна за навреда на монархијата во 2017 година.

Јатупат Бонпатаракса, активист и критичар на владејачката хунта, беше затворен за споделување на статија на фејсбук, објавена од страна на BBC на тајландски јазик, во која властите ја оцениле како навредлива објавената биографија на кралот Маха Вачиралонгкорн.

Тајландската алијанса за човекови права, со седиште во САД, првично извести дека Чучеп бил испорачан во Тајланд.

Вонгусван го негирал извештајот изјавувајќи:

„Виетнам ги нема координирано трансферите. Немаме добиено никакво барање. Доколку имаше такво нешто, тоа би одело преку министерството за надворешни работи и полицијата“.

Во јануари, телата на двајца истакнати критичари на воената хунта и кралското семејство, Чатчарн Бупаван и Краидеј Луелерт биле пронајдени во реката Меконг. Воената хунта тогаш кажа дека нема никакви информации за нивната смрт.

Активистот Сурачаи Данватананусорн, кој водел интернет радио станица каде ја критикувал хунтата и монархијата, исчезнал во декември и за него нема никакви информации каде би можел да се наоѓа.