Табли со патокази покажуваат колку луѓе се иселиле од Реканскиот крај

Како дел од герила акција, на неколку локации во Реканскиот крај, кој е меѓу најраселените во Македонија, се појавија табли кои покажуваат колку луѓе се иселиле од селата.

Покрај насоката и рaстојанието до одредено село, покажуваат и колку луѓе се иселиле од тоа село во изминатите 20 години и колкав процент од вкупното население е иселено во странство, пренесува a1on.mk.

Ростуше, Велебрдо, Битуше, Требиште и другите населени места од овој крај, некогаш биле големи и бројни села. Сега се празни, а луѓе има само во летниот период.

„Со оваа акција сакаме да му помогнеме на локалното население и да алармираме за една од најголемите болки на реканскиот крај – иселувањето. Акцијата е наменета за поддршка на локалните невладини организации и месните заедници да го дигнат својот глас и да алармираат за овој горлив проблем во реканскиот регион“, велат активистите.