Светска банка: Се поголем е јазот помеѓу богатите и сиромашните

Новиот шеф на Светската банка Ајај Банга денеска изјави дека зголемениот јаз помеѓу богатите и сиромашните нации ризикува да ја продлабочи сиромаштијата во земјите во развој, јавува Ал Џазира Балканс.

Многу земји сè уште се опоравуваат од двојниот удар на пандемијата на коронавирус и последиците од руската инвазија на Украина, кој влијаеше врз глобалните цени на горивото и суровините.

Климатските промени пак, најтешко ги погодуваат некои од најсиромашните земји, кои тешко се справуваат со нив.

Банга на состанокот на министерите за финансии на Г20 во Индија рече дека стравува дека недостатокот на напредок може да доведе до поширок јаз во глобалната економија на штета на најсиромашните во светот.

„Она што ме држи буден ноќе е недовербата што тивко ги дели глобалниот север и југ во моментот кога треба да се обединиме“, рече тој на дводневниот состанок на министрите за финансии и челниците на централните банки во Гандинагар.

„Фрустрацијата на глобалниот југ е разбирлива. На многу начини тие ја плаќаат цената за нашиот просперитет“, додаде Банга.