Светот ја надмина бројката од половина милион заболени од Ковид-19

Синоќа светот ја проби бројката од 500 илјади заболени со новиот коронавирус Ковид-19, додека Соединетите Американски Држави ја надминаа Кина во бројот на вкупно заболени лица.

Утрово, според worldometers.info во светот досега се регистрирани нешто преку 537 илјади случаи на заболени од вирусот, од кои преку 124 илјади се заздравени, а нешто над 24 илјади лица починале од болеста. Од активните скоро 389 илјади лица 95% се во стабилна состојба со благи симптоми, додека 5% од заразените се во посериозна или критична состојба.

САД во меѓувреме ја надминаа Кина по бројот на заболени од новиот коронавирус и сега имаат скоро 86.000 лица кои се или биле заразени од вирусот. Најпогодена американска сојузна држава е Њујорк, каде се регистрирани преку 38 илјади заболени.

Италија и Шпанија сè уште се државите кои регистрираат најголем број на смртни случаи од болеста. Во текот на вчерашниот ден 718 лица починале во Шпанија, а 712 во Италија.

Кина, каде што епидемијата со Ковид-19 започна уште во декември минатата година, и понатаму е државата со најголем број заздравени лица – скоро 75 илјади, додека Иран и Италија се единствените други држави каде бројот на закрепнати лица ја надмина бројката од 10 илјади луѓе.