Сурфери се борат да го сопрат дупчењето за нафта во Големиот австралиски залив

Австралиските сурфери веќе два месеци се борат за да го заштитат Големиот австралиски залив од негово дупчење за природен гас и нафта. Преку отворено писмо и низа протести се обидуваат да посочат на лошите ефекти од овој процес врз уникатниот морски живот.

Вчера, на Бонди бич во Сиднеј, една од најпознатите австралиски плажи, голем број граѓани се приклучија во ритуалот со која вообичаено се жали смртта на сурфер, но овој пат насобраните жалеа за иднината на Заливот.

Предлогот на норвешката компанија „Еквинор“ да копа во водата на јужното крајбрежје во Австралија, ги налути сурферите.

Сурфањето има големо економско, социјално и културно значење за Австралија, каде се наоѓаат некои од најубавите, недопрени крајбрежни линии во светот.

Минатиот месец „Еквинор“ го објави својот план за заштита на животната средина, за кој експертите соопштија дека големо протекување на нафта во Заливот може да предизвика еколошка штета долж неколку илјади километри од јужниот брег на Австралија.

„Денес повлекуваме линија во песокот“,  изјави Демиен Кол, сурфер кој го предводеше ритуалот на Бонди бич.

„Се наоѓаме на сред климатска вонредна ситуација, и се појавува компанија која работи со нашата федерална влада за да навлезе во еден од најоддалечените и чисти екосистеми, ризикувајќи сè”.

Првиот ваков настан што го сврти светското внимание се одржа овој месец на Белс бич, познато место за сурфање југозападно од Мелбурн и привлече илјадници луѓе. Потоа, следуваа слични настани и на Голд Коуст и Тасманија.

На 18-ти мај во Австралија се одржуваат федерални избори, па предлогот на „Еквинор“ претставува тест за тоа дали земјата е повеќе посветена на извлекување на природните ресурси или заштита на недопрениот екосистем.

Но, многу Австралијци веќе се фрустрирани поради неуспехот на владата да ги спречи емисиите на јаглерод. Во исто време, се случуваат и други еолошки проблеми кои ја разгореа политиката на нацијата – неодамнешната најава на рударски гигант за огромен проект за јаглен и политичкиот скандал кој се однесува на скапите лиценци за вода.