Апелациониот суд во Австралија одлучи дека австралиската министерка за животна средина нема должност да ги заштити помладите луѓе од климатските промени, пренесува Индепендент.
Тројца судии на Федералниот суд пресудиле од различни причини дека судот не треба да ѝ наметнува на министерката за животна средина Сузан Леј должност за грижа.
Осум австралиски тинејџери ја изведоа Леј на суд во 2020 година во обид да ја спречат да одобри проширување на рудник за јаглен.
Тие го загубија обидот да го спречат проширувањето на рудник во државата Нов Јужен Велс, но нивните адвокати тврдат дека победиле со пресудата на судијата од минатата година дека Леј имал должност да спречи идна климатска штета.
Во тогашната пресуда, судијата Морди Бромберг истакна дека проширувањето на рудникот за јаглен во сопственост на „Вајтхевен“ ќе доведе до екстракција на дополнителни 33 милиони тони јаглен во текот на 25 години и 100 милиони тони на јаглерод диоксид кој се ослободува во атмосферата.
Министерката Леј тврдеше дека некои од наодите на Бромберг се неточни и „над доказите“.
Една од активистите, Ањали Шарма, рече дека поплавите, опишани како настан што се случува еднаш во 500 години, а што ги уништија заедниците во северниот дел на Нов Јужен Велс во последните недели се доказ дека владата треба да дејствува на климатските промени.
„Федералниот суд денес можеби ги прифати правните аргументи на министерката над нашите, но тоа не ја менува моралната обврска на министерката да преземе акција за климатските промени и да ги заштити младите од штетите што ќе ги донесат“, рече Шарма пред судот во Сиднеј.
„Тоа не ја менува науката. Тоа не ги гаси пожарите и не ги пресушува поплавите“, додаде Шарма.
Адвокатите на тужителите можеа да се жалат до Вишиот суд.
Леј ја поздрави пресудата и во соопштението рече дека нејзината влада „останува посветена на заштитата на нашата животна средина за сегашните и идните генерации“.
Австралија, која е еден од најголемите светски извозници на јаглен и течен природен гас, е под зголемен меѓународен притисок да преземе построги мерки за климатските промени.
Минатата година, Австралија собра доволно меѓународна поддршка за да го одложи обидот на УНЕСКО да го стави светското наследство Големиот корален гребен „во опасност“ поради штетата предизвикана од климатските промени.
Гребенот на североисточниот брег на Австралија значително претрпе штета од белење на коралите предизвикано од невообичаено топлите температури на океаните во 2016, 2017 и 2020 година. Белењето оштети две третини од коралите. Но, прашањето ќе се врати на агендата на Комитетот за светско наследство на следниот годишен состанок во јуни.