Субвенции за вработување на лица од социјални семејства, приоритет ќе имаат младите

Субвенции за вработување на лица од социјални семејства, приоритет ќе имаат младитеЌе се субвенционира вработување на невработени лица во приватниот сектор , кои се невработени, активно бараат работа и потекнуваат од домаќинствата корисници на социјална парична помош. Притоа, нагласи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев приоритет ќе биде субвенционирање на вработувањето за млади лица до 29 години.

„ Специјален фокус ќе се даде на младите, кои во текот на образованието биле приматели на условниот паричен надоместок, што го дава државата во висина од 12.000 денари годишно, а служи за мотивирање на лицата од социјално ранливите категории да го комплетираат своето образование. На тој начин ќе дојде до логично поврзување на субвенцијата што ја дава државата за стекнување на образование кај младите кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, коорисници на социјална помош и субвенцијата за нивно вработување по завршување на образованието и стекнувањето со определен степен на квалификација, знаење и вештитни“, појасни Ѓорѓиев.

Според најавите огласот ќе биде распишан во почетокот на идната година, а ќе може да аплицираат и невработени лица и заинтересираните работодавачи.

„Оној работодавач што ќе вработи лице преку оваа програма месечно ќе добива паричен надоместок од 17.000 денари во период од шест месеци, од кои 14.000 ќе бидат наменети за бруто плата за вработениот, а три илјади ќе бидат за работодавачот, да го обучи работникот“, изјави Ѓорѓиев кој додаде дека по истекот на овие шест месеци работодавачот ќе биде обврзан да го задржи работникот уште шест месеци.