Студија на МЦЕО: Процесот на европеизација на политичкиот и општествен систем е во криза

Потребна е политичка едукација на партиите за тоа што, всушност, значат пристапувањето на Македонија во ЕУ и европеизацијата како процес. Тие треба и повеќе да се ангажираат во идеолошко вмрежување на европско ниво, зашто таквите контакти и социјализација ќе им помогне самите да се европеизираат. Потребна е и дебата за европските вредности со поширока вклученост на граѓаните и враќање на европските интеграции на политичките агенди на партиите.

Ова се некои од препораките во студијата „Старо купувам: новата европска приказна за Македонија“ од истражувањето на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) чии резултати беа презентирани денеска на завршна конференција, објави МИА.

Европска Унија

Тие покажуваат дека процесот на суштинска европеизација на политичкиот и општествениот систем на Македонија се во криза и во однос пред седум години до крајност е променет ставот, зашто сега пристапувањето во ЕУ станало синоним за идентитетски прашања и ЕУ е обвинета за двојни стандарди.

Во студијата се анализирани пораките на политичките партии поврзани со евроинтеграциите во нивните изборни програми од 1990 до денес.

Љупчо Петковски од МЦЕО презентирајќи ги резултатите рече дека е забележлив домашен замор и бегање од европеизацијата, што е забележано и кај опозицијата и критичката јавност во Македонија, кои до неодамна имале поголеми очекувања од улогата на Брисел во домашните работи, а сега е забележливо нивно разочарување од Европската унија и од еврократите како управувачи на евроинтеграциските процеси.

Во истражувањето биле анкетирани партиите од власта и од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДОМ и ЛДП од македонскиот политички блок, и ДУИ од албанскиот политички блок. ДПА не одговорила на поканата. Од анкетираните партии, само ДУИ не членува во некоја европска мрежа, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЛДП членуваат полноправно во европски мрежи, а ДОМ членува, но не полноправно.

Според европското истражување на јавното мислење на Евробарометар за перцепцијата за посакуваност на членството во Унијата, забележлив е постојан пад меѓу македонските граѓани: во 2007, пред самитот на НАТО во Букурешт, околу 75 проценти имале позитивно мислење за членството, а во последното истражување во рамки на Евробарометарот (есента 2013) поддршката опаднала на 50 отсто.