Студентски пленум: Студентските домови се руинирани, но палмите имаат тушеви

Руинирани студентски домови, намален студентски стандард и недоволна ангажираност на Студентскиот парламент се проблемите со кои Студентскиот пленум ги запозна идните студенти. Пленумот денеска одржа прв пленумски час пред платото на Универзитетот „св. Кирил и Методиј“, наспроти традиционалниот академски час.

„Најголем проблем на студентите се руинираните студентски домови во кои тие живеат и секојдневно нашите колеги од другите градови доаѓаат да живеат. Во Скопје имаат руинирани студентски домови, а палмите имаат тушеви. Исто така, проблем е и Студентскиот парламент кој не сака да ги брани правата на студентите“, посочи Демијан Хаџи-Ангелковски од Студентски пленум.

Студентите им делеа флаери на бруцошите, запознавајќи ги со досегашните активности на Пленумот, причините поради кои беше оформен и која е целта на неговото постоење.

„Ние сме тука да ги интегрираме во Студентскиот пленум и да порачаме дека пленумот ја продолжува својата борба и оваа година. Ние сакаме да ги отвориме сите студентски прашања коишто имаат потреба да се отворат, но се уште никаде не се спомнати во нашето општество. Ние им порачуваме дека Пленумот ќе продолжи и оваа година да се бори силно и моќно со сите проблеми што ги имаат студентите“, додаде Хаџи-Ангелковски.

Пленумот потсети дека е автентична студентска иницијатива за одбрана на правата на студентите, која се залага за поквалитетно образование, а се бори против неправедноста и партиските влијание. Тоа е како што велат, организација со хоризонтална поставеност и се основа со цел да се спротивстави на новонаведените реформи во високото образование.

Студентите претходно одржаа неколку масовни протести низ неколку градови во државата, а воспоставија и автономна зона на дел од факултетите во Скопје и Битола со што се спротивставија со новите измени на Законот за високо образование, меѓу кои беше воведувањето на државниот испит.

Тие беа дел од работната група која работи на нов концепт на Законот за високо образование, меѓутоа пред неколку месеци тие ги напуштија преговорите, прекинаа секаква соработка со Министерството за образование и наука и ја прогласија Владата како нелигитимна. Причината за тоа беше односот на Министерството, кое според Пленумот, уште од самиот почеток и најраната фаза на подготовка на законот не покажало ниту добра волја, ниту кооперативен однос, туку намерно го одолговлекувало процесот. Студентите најавија дека во престојниот период ќе продолжат нивните активности и борба за поквалитетно образование.