Студентски пленум: Ја прекинуваме окупацијата, продолжуваме со алтернативната настава

Студентите ја прекинаа нивната окупација, а од утре се враќаат на нормалната формална настава, соопштија на денешната прес-конференција.

Вчера се одржа средба во Ректоратот со членовите на Студентскиот и Професорскиот пленуми, МОН и униеверзитетскиот сенат, на која се одлучи преку работни групи да се работи на нов закон за високо образование.

„Мора да се каже дека власта, односно надлежните ретерираа во својот став и попуштија на нашите барања. Ние вчера добивме комплетно нов интегрален закон којшто ќе се подготвува преку нова методологија и еден нов концепт и во чие изработување ќе бидеме вклучени и ние. Поради заемноприфатениот договор, ние одлучивме на вчерашниот генерален пленум да се укине бојкотот на наставата и да се вратат факултетите во првичната и нормална функција“, рече Стефан Видиков од Студентски пленум.

На студентите им било ветено дека нема да има надворешно тестирање. Видиков вели дека во работните групи ќе бидат вклучени и студентите и професорите, како и сенаторите чиј заеднички став е дека нема да прифатат никакво формално надворешно тестирање.

„На настава студентите можат да се вратат утре, по оние факултети каде што имаше комплетен бојкот на наставата и каде што се спиеше. Бојкот повеќе нема да има, ние ќе си продожиме со автономните зони, поточно во аулите ќе останат сите направени плакати, ќе продолжиме со алтернативните предавања на коишто ќе се зборува за студентските барања, за студентските прашања и проблеми коишто подоцна ќе бидат пренесени како прашања во работните групи“, соопшти Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум.

Според неа, конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот кој нив ги засега а тоа е законот за високо образование.

„За шест до осум месеци би требало да добиеме текст. Она што ќе се случува во првата фаза нема да има повеќеполитички фигури. Државни службеници ќе бидат и од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии и од советници од кај претседателот на владата. Нам ни требаат нивните податоци и статистики за да изработиме квалитетен закон“, рече Туфегџиќ.

Во рок од триесет дена ќе се изработи концептот на законот и ќе се формираат широките работни групи. Во тие фази нема да биде вклучен Студентскиот парламент, освен студентскиот правобранител Васка Бојаџи која е независна од парламентот.

Воедно, денеска се оствари средба помеѓу Студентскиот пленум во Битола и Ректорот при УКЛО, Златко Жоглев, на која студентите побараа гаранција од него дека работната група при Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, ќе биде составена исклучиво од ротирачки делегати на пленумот и претставници на Ректоратот на УКЛО.

„Окупацијата прекинува, што значи дека наставата се одвива во нормален тек, но #АвтономнаЗона продолжува да опстојува и понатаму се додека не добиеме одговор од Ректорот на УКЛО на нашето барање“, соопштуваат од Пленумот во Битола.