Студентски избори на УКИМ: Поништено гласањето на Факултетот за дизајн и ентериер

Студентските избори на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и интериер се поништени, дознава Радио МОФ. Причината за тоа е што не одговарал бројот на гласачки ливчиња во кутијата со бројот на потпишани студенти на избирачкиот список за избор за претседател на ова факултетско собрание.

Утрово Радио МОФ го посети факултетот каде забележавме мали промени. Наместо во Амфитеатар 20, како што беше најавено, изборите се одржаа во ходникот на нивниот факултет. Сепак, според проф. Горан Златевски, член на ИК, излезеноста до 13 часот била 40-50 отсто.

„На денешнте избори избиравме претседател и членови на студентско Собрание. Претходно имаше номинации и за претседател и за членови. Ние избираме по 4 членови од секоја година, значи вкупно 16, а после тоа очекуваме да се донесе статутот“ – појасни Златевски.

На останатите 5 факултети изборите поминаа без нерегуларности.

На Факултетот за ветеринарна медицина велат дека се надеваат на промени со идните претставници. Заедно со професорите, посакуваат наредната година УКИМ да ги подобри условите за гласање и ќе обезбеди потранспарентни гласачки кутии.

„Во текот на гласањето немаше никакви нерегуларности, студентите слободно си гласаа, излезеноста беше во очекувани вредности и се помина во најдобар ред. До 13 часот пресметките покажуваат дека гласале 54,54 % од студентите“ – изјави Неда Кузмановска, студентка и член на комисијата.

Оттаму продолживме на изборите на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Изборите започнаа во 08:30, а завршија во 16:00. Во аулата на факултетот беа поставени три гласачки кутии, три гласачки места на кое своето избирачко право го остварија студентите од прва, втора и трета година студии.

„Има излезеност од 100 гласачи, што е сериозна бројка со оглед на тоа што има голем број презапишани и такви што се од претходни години, така да тоа е посериозна бројка од 30 – 40 %. Сите студенти се запишани на списокот со тоа што им беше оставена можност да се препроверат, бидејќи имате проблем кај презапишувањето затоа што системот ја вади тековната состојба којашто е во моментот. Меѓутоа некои запишувале па презапишувале, завериле, не завериле семестар и може да се појават студенти на пример од трета година во избирачкиот список на втора година, бидејќи самиот систем не евидентирал во избирачкиот список на трета година. Сепак тоа се некои минимални проблеми, најголемиот дел од работите се регулирани. Интересно е што има поголема бројка на излезеност кај студентите од втора и трета година, за разлика од студентите од прва година, бидејќи од нив се очекува најголема излезеност“ – изјави член на Комисијата од втората гласачка позиција.

Оттаму за Радио МОФ информираа дека изборите минуваат без нерегуларности. Во тој период, само од политичките студии биле излезени речиси 80% од студентите.

„Факултетското студентско собрание е тело кое што требаше да биде формирано порано, со цел поефикасно остварување на студентските права. Со тоа што веќе има кај студентите од новите генерации поголема студентска ангажираност, поголема гласност на самите студенти. Самото ФСС се очекува да развива соработка со студентите како прва и примарна цел, потоа ќе соработува со студентски организации, ќе се организираат разни настани коишто ќе бидат во полза на самите студенти, ќе се организираат дебатни, хуманитарни, еколошки и други акции , се со цел поефикасно и поквалитетно студирање на студентите на нашиот факултет“, вели студентка на правните студии која денеска излезе да гласа.

Го посетивме и Факултетот за драмски уметности. Таму, пак, според изборната комисија излезноста била над 50%, без инцидент или проблеми.

Но, на соседниот Факултет за електротеника и информациски технологии (ФЕИТ) ситуацијата беше поразлична. Интересот за студентски избори таму беше значително помал. Добар дел од студентите воопшто и не знаеја дека на факултетот се случуваат избори ниту пак се заинтересирани да излезат на гласање.

Според изјавата на претседателот на изборната комисија на ФЕИТ, иако изборите се одвиваат мирно и целата организација е одлична, сепак излезеноста до 12:00 часот е околу 10% или поточно 115 од вкупно 1100 регистрирани студенти во избирачкиот список.

„Изборите ттраат до 14:00 часот и некако интензитето е константен так да олекувам на крај излезеноста да достигне околу 20%“, ни изјави Перо Латковски, професор на факултетот и претседател на изборната комисија.

Екипата на Радио МОФ разговараше со дел од студентите со цел да ги согледа нивните мислења поврзани со студентските избори и воопшто претставничките тела. Голем дел од нив инсистираа да останат анонимни и немаа преголеми очекувања ниту конкретни ставови за изборите.

„Реевалуација на кадар, обновување на инвентарот, обновување на лабораториие о повеќе социјални активности се воглавно приоритетите на кои треба студентското собрание да работи“, вели Димитар Димески, студент на втора година на ФЕИТ.

Тој смета дека собранието ќе промени нешто во врска со целиот студентски живот на факултет, но не премногу.

Оттаму продолживме на Фармацевтскиот факултет. Таму денеска 913 студенти имаа можност да го остварат своето гласачко право,

Една од студентките со која разговаравме, а која сакаше да остане анонимна, вели дека излегла да гласа, со цел да побара од идните студентски претставници да се залагаат за нивните колеги кои презапишуваат предмети и за воведување на казнени сесии.

Овој став го делеше и нејзина колешка која моментално е трета година на факултетот.

„Реакредитација во однос на усвојување казнени сесии, без кои многу ни е тешко да престигнеме со сите услови кои ни ги налага факултетот. Очекуваме подобри права на студентите во однос на системот, општо што го налага УКИМ“, изјави студентката Емилија за Радио МОФ.

Продеканот на факултетот, проф. Зоран Стерјев, за Радио МОФ вели дека изборите за студентско собрание и претседател на собрание се одвиваат регуларно.

„Имаме пријавено кандидати од сите студиски години, согласно правилата за избор на кандидати за собранието на студентскиот сојуз. Исто така, имаме кандидат за претседател. Сега за сега, изборите течат во најдобар ред. Студентите си гласаат, беа известени навремено за изборите кои што денеска се одржуваат на нашата локација, понатаму во текот на вчерашниот ден, испративме известување до сите студенти преку мејл, исто така известувањето го ставивме на веб-страна, така да, мислам дека направено е се за да добиеме легитимни претставници на студентското собрание и легитимен претседател. И потоа, да им посакаме среќа и успешна работа во понатамошниот ден“, рече Стерјев.

Студентските избори продолжуваат утре на ФИНКИ и Филолошки.

А.И/ Г.Б/ М.К/ А.С