Студентите во Битола ја поминаа првата вечер од окупацијата без парно

Студентите од Техничкиот факултет во Битола синоќа ја поминаа првата вечер од окупацијата, но велат без парно. Незадоволни од изгласените измени во законот за високо образование со кои се воведува и државен испит, тие вчера создадоа автономна зона и во Битола како поддршка на своите колеги од автономните зони на Филозофски/Филолошкиот факултет и Машински и ФЕИТ во Скопје.

Од Студентскиот пленум во Битола нè информираа дека успеале да се договорат со деканот да им ослободи две простории, едната која ја користат за кујна, а другата за спиење, додека останатите биле заклучени. Сепак, тие укажаа на проблеми во текот на првата вечер помината на факултетот.

„Вечерта ни го исклучија парното, а го пуштија утрото многу доцна затоа денеска има и по некој настинат“, вели Борис Николевски, од битолскиот Студентски пленум.

Николевски вели дека инсталацијата била премногу слаба за да ги пуштат греалките за да се згреат. Поради ова, се обратиле кај деканот за да им го пуштат парното за вечерва. Деканот пак, им ветил дека ќе им даде четири простории бидејќи имало интерес и од други студенти да преспијат, но немало доволно простор за сите.

Фото: Студентски пленум – УКЛО

Сепак, на одредени места продолжила да се одвива наставата. Битолските пленумци пак, велат дека ќе ја блокираат наставата и дека ги повикуваат своите колеги да им се приклучат.

Од денеска тие најавија програма исполнета со алтернативни предавања, дебати, проекции и свирки.

Емилија Петреска