Студенти: Ректоратот на ДУТ ни се заканува

Студенти на државниот Тетовски универзитет се жалат дека продолжуваат заканите кон нив, откако кои презедоа иницијатива за промени во Студентскиот парламент. Од Ректоратот вчера ги повикале на разговор сите студенти кои бараат промени во ова тело и им се заканиле со исклучување од Универзитетот, јавува Алсат-М.

„Сакам да кажам дека сите активисти беа повикани на разговор, еден по еден, за да ги заплашат. Но, ние ја имаме поддршката на студентите кои сакаат промени и ќе продолжиме. Ние не сме против Универзитетот, туку сме за промени во составот на Студентскиот парламент кој треба да биде избран од студентите“, вели Денис Рауфи од „Независната студентска организација“.

И додека во раководството на Универзитетот имаат време да се занимаваат со закани кон студентите, немаат време да зборуваат пред камерите. Наспроти нашиот обид да дознаеме дали на двајцата студенти им се вратени одземените индекси, секретарот на Универзитетот, Адем Беадини, одлучи да молчи и не прифати да зборува. И по цели два месеца инсистирање да се контактира претседателот на Студентскиот парламент, Шабан Арслани, тој излезе на прес-конференција, но не за да ги заштити студентите на кои им се закануваат, туку само за да прочита соопштение преку кое и тој им упати обвинувања на своите колеги студенти.

„Секоја друга форма на студентско организирање под влијание надвор од институцијата за интереси на разни политички, клански и медиумски кругови кои не им посакуваат добро на студентите и Државниот тетовски универзитет и кои се поддржани од неусогласените трубења на одредени медиуми, се во спротивност со функционирањето и етиката на Студентскиот парламент“, рече Шабан Арслани, претседател на Студентскиот парламент.

Арслани замина избегнувајќи ги новинарските прашања. Студентите веќе неколку месеци се изреволтирани поради условувањата за плаќање на такса од 100 денари за Студентскиот парламент, но и поради затворањето на дисперзираните програми во Скопје.