Студенти незадоволни од малиот број железнички линии

Со задоцнување од 10-тина минути, пристигна возот на релацијата Скопје-Битола. Го чекаа околу 100-тина луѓе, кои претходниот половина час со нетрпение ѕиркаа кон широчината долж пругата. Меѓу нив патници од најразлична возраст, но претежно студенти кои се враќаа дома. Тие ја користат мерката за млади под 27 години, со која можат да патуваат бесплатно за викендите, секоја прва и трета седмица од месецот.

Малиот број линии и долгото време за патување, беа дел од проблемите кои ги посочија патниците со кои разговаравме.

Студентката Ирена Андоновска веќе три години го користи возот како примарно транспортно средство, а тоа го прави на секои две недели, без разлика дали е бесплатен или не.

„Поради просторот, можеш полесно да се снајдеш со куфери, за разлика од автобусот дефинитивно е ‘полабаво’. Има клима, автобусите се престари, возот е нов, а внатре во самиот автобус има некоја непријатна миризба што не можеш да ја отстраниш никако, и од тоа имам проблеми, ме боли главата. Кога одам со возот, нема никакви проблеми, затоа што е нов“, вели Андоновска.

Таа смета дека доколку се подобри железничката инфраструктура, во Битола би се стигнувало за два часа, но смета дека тоа е голема инвестиција и не верува дека државата би вложилa за такво нешто.

„Може да се подобри хигиената, но колку и да се подобрува, толку му е на народот ниско чувството за хигиена, што не знам што треба да се направи, да им се ‘стави’ во главата дека не треба да се фрлаат ѓубриња каде што не треба. Некој измислил корпи за тоа,“ забележува Андоновска.

Коментира дека за неа немало подобра линија од таа што сообраќала во 17 часот, но вели дека не знае зошто е укината.

„Не е фер, Велес има многу линии, на секој половина час да се каже. За кај нас нема ништо, три се во денот, а не можеш да стигнеш и на нив некогаш“ завршува Андоновска.

Картата на железничката мрежа покажува дека железничката инфраструктура во државава е скромно поврзана. Како најголеми градови кои се поврзани, покрај Скопје, можат да се забележат уште и Велес, Штип и Гевгелија, Прилеп, Битола и Тетово. Покрај нив и сите попатни места низ кои поминуваат возовите на Железници на Северна Македонија.

Студентката Фросина Стојановска, која патува речиси секоја втора недела, исто така забележува на долгото време кое е потребно да се стигне до Битола.

„Не можам да се возам со автобус, некако послободно ми е во воз, можеш да се раздвижиш и да излезеш. Не можам, се чувствувам стегнато во автобус, имам фобија“, вели Стојановска.

Според неа, цените на картите се доволно намалени, но вели дека има малку линии. Низ смеа забележува дека со климата, внатре во возовите, понекогаш е и премногу ладно.

Повратниот билет со воз за Битола чини 502 денари, додека најниската цена за автобускиот билет изнесува 630 денари. Скромна е бројката на линии кои сообраќаат до Битола. Доколку студент од овој град сака да тргне од Скопје, тоа може да го направи наутро во 06:42, попладне во 14:30 часот, а последната шанса за да тргне со воз е во 20 часот и 10 минути. Иако на информативната табла за возниот ред стои воз од 17:10 часот, таа линија одамна е укината.

„Скоро сите одат со возот во 14 часот и 30 минути. Тој што беше во 17 часот го укинаа. Има многу што ќе купат карти со резервации, ќе ги земат, ќе влезат и се создава гужва, не можеш да поминеш внатре,“ вели Стојановска.

Информативната табла се уште го покажува возот во 17:10 иако тој веќе не сообраќа

Викторија Котевска ни раскажува дека веќе пет години не патувала со воз. Почесто патува со автобус бидејќи како што вели, е побрзо и полесно. Според неа, луѓето рационално го користат времето, затоа што побрзо стигнуваат со автобус.

„За разлика од претходните 10-15 години, далеку се подобрени условите во возовите. Според мене, сè е на место засега, може да се подобрат, но за разлика од тоа што беше порано се далеку, далеку подобри“, вели Котевска.

Но, според неа, треба да се подобри хигиената во возовите.

Истражувањето кое го спроведе новинската агенција Мета укажува на фактот дека за три децении патувањето со воз е намалено десеткратно. Ако во 1986 година имало 6.8 милиони патувања, во 2018 година, бројот е паднат на 540.000.

Меѓународно, од Железничката станица во Скопје, луѓето можат да патуваат до Белград во 5 наврати, а до Приштина само со една линија, одредена во 16 часот и 10 минути.

Мартин Колоски