Студенти на Харвард започнаа курс против „агендата на Трамп“, досега се вклучиле над 10 000 луѓе

Студенти на Харвард минатата недела го одржаа првиот час од „Школата за отпор“, или четиринеделен активистички курс кој се спротивставува на агендата на Трамп. Курсот е отворен за граѓани од целиот свет.

Низ четири сесии, во живо или преку видеопренос, придружени со интерактивни домашни задачи, организаторите на програмата се надеваат дека ќе ги научат активистите „да ги зајакнат вештините што им се потребни за да покренат колективна акција и ефективен отпор против агендата на Трамп“.

Оваа програма доаѓа по „Женскиот марш“ и „Маршот за науката“, кои беа организирани од прогресивни луѓе низ целата држава по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.

„Школото за отпор започна со неколку ученици кои се допишуваа со неколку професори, а кои се чувствуваа гневни и очајни и почнуваа да се чувствуваат исцрпени од прашањето – Што ќе правиме по изборите?“, објасни Шанур Сервеј, студент и еден од основачите на курсот.

На веб-страницата на програмата може да се најдат сесии насловени „Како да ги комуницираме нашите вредности во политичко застапување“ и „Како да структурираме и изградиме капацитет за акција“. Досега, организаторите имаат речиси 3000 групи во кои се вклучиле над 10 000 луѓе.

Тренери на обуките се професори, актуелниот потпретседател на Националниот демократски комитет и поранешен вработен во кампањата „Обама за Америка“, иако организаторите потенцираат дека се уште немаат формални партнерства со други прогресивни или демократски институции.