„Структура на чувствата“ на современиот културен прекаријат на 20 декември

ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена утре (20 декември) од 13 часот организира онлајн регионална конференција на тема „Структура на чувствата“ на современиот културен прекаријат.

„Конференцијата има за цел да отвори простор за јавна дискусија за различните искуства на организациите и неформалните културни иницијативи низ земјата и регионот во насока на создавање на независни нови модели на културни простори достапни за сите. Идејата на овој настан е да започне јавен дијалог низ кој панелистите ќе ги изложат своите досегашни заложби и обиди за обезбедување на стабилно или привремено финансирање и простор за ко-управување со заедничките културни добра“, се вели во најавата.

Јавните блиц-излагања на говорниците кои ќе сублимираат една успешна или неуспешна приказна од нивното делување, велат од ЈАДРО, на долг рок треба да ни помогнат подлабоко да ги увидиме сличните искуства и да ги дефинираме заедничките позиции за заедничко застапување за подобра состојба на културните работници и уметници во нашата земја.

„Заклучните согледби од конференцијата ќе го заокружат и истражувачките процес на тимот на ЈАДРО Асоцијацијата, кој периодов дисеминираше прашалници врзани за работата на поединци и организации и работи на финализирање на својата анализа на социо-економската положба на културните работници и уметници во државата“, стои во најавата.

Конференцијата е во рамки на проектот „Модели на цивилно-јавни партнерства: Нов бран на културни политики и практики за ко-управување со заедничките добра“ поддржан од Министерството за култура.