Стево Пендаровски официјално ја презеде својата должност: Ќе бидам претседател на сите граѓани

„Ќе бидам претседател на сите граѓани. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг“, рече Стево Пендаровски во својата свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија, со што и официјално ја презеде функцијата претседател на државата.

Првата работа што ќе ја направи, соопшти тој, е дека ќе подаде рака за соработка кон опозицијата.

Најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство и дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО. Посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи, но и корупцијата и непотизмот кои, според Пендаровски, придонесуваат кон миграцијата на младите.

„Власта и опозицијата, но и бизнис секторот, мора да работат заедно затоа што нема просперитет ако најдобрите од генерацијата сакаат да работат исклучиво во државна администрација и да си одат оттука, додека во приватниот сектор недостасуваат кавлификувани работници, а платите заостануваат зад буџетските“, рече тој.

Ја сподели својата поддршка и кон граѓанскиот сектор и слободната работа на медиумите, како и промоција на армијата и безбедносните структури.

„Крајно време е да изградиме професионални институции кои нема да зависат од тоа кој е на власт. Нека ни е вечна нашата татковина – Република Северна Македонија“, порача Пендаровски на крајот од својот говор.

Инаугурација се одржа во рамки 96. собраниска седница, која почна со интонирање на македонската химна. Честитка претпладнево упати и премиерот Зоран Заев.

На инаугурација, пак, присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници,  претставници на судската власт, на МАНУ, како и гостите, бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи, министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.