[Став] Зошто решив да ја напуштам мојата земја

Пишува Марта Камчева, студентка на медицина од Скопје, за Balkanist

Видов повик за стипендија пред неколку недели. Една од најпрофитабилните компании во мојата земја даваше парични грантови на успешни студенти кои имаат потреба од финансиска помош. Обично не аплицирам за стипендии во мојата земја, бидејќи е бескорисно ако ги немаш вистинските врски да ги добиеш, но оваа изгледаше примамливо. Си помислив, „Можеби овој пат врските и политичката активност во владејачката партија нема да влијаат на тој кој ќе ја добие стипендијата“. Затоа, аплицирав. И не ја добив. Парите за „мотивирани одлични студенти кои имаат потреба од финансиска помош“ беа дадени на студенти чии родители се доктори и архитекти. Можете да претпоставите дали навистина им треба финансиска поддршка.

Кога ги видов резултатите и ги прочитав имињата на среќните, не се почувствував глупаво и не зажалив. Се почувствував како тоа да е последно предупредување.

Чудна работа е да бидеш роден и пораснат во земја која не се грижи за тебе како граѓанин. Со текот на времето, природен ефект е и ти да престанеш да се грижиш за својата земја. Јас ја поминав таа точка. Сега сакам да ја напуштам оваа супермасивна црна дупка која голта млади, слободоумни, надарени индивидуи кои не се согласуваат со се што владејачката партија ќе каже. Многу е слично на тоа што Џорџ Орвел го опиша во „1984“. Се шегував за тоа и велев „Прашај ги политичарите на власт која им е омилена книга, и ќе кажат „1984“. За нив е како прирачник“. Но веќе не ми личи на шега. Тоа е суровата реалност.

Живеам во земја која ги нема многу потребните статистики за бројот на жители. Земја во која треба да поткупиш медицинска сестра за да добиеш побрза и подобра медицинска нега. Земја каде треба да бидеш член на владејачката партија за да најдеш работа. Земја во која студентите секој ден мамат за да положат испит. Сите знаат, но никој не се грижи за тоа.

За луѓето во мојата држава, животот во овој status quo на чисто уништување на човековите права е само начинот на кој стојат нештата и не мислат дека нешто може да се промени. Всушност, не сакаат да се промени.

За нив, да се добие диплома со мамење и да се добие работа бидејќи се активни членови на партијата на власт е лесен начин да успеат во животот. Образованието е на најниско ниво, а самодовербата на највисоко. На критицизмот се гледа како на љубомора, не како на начин за напредок. Замолчувањето на оние со слободна мисла е на прво место во книгата „How to succeed for dummies’“.

Не велам дека сите се такви. Навистина има талентирани, интелигентни и способни индивидуи со кои ги делам моите корени. Работата е во тоа што не живеат во земјава повеќе. Се сеќавате, природниот ефект веќе да не се грижите? Било кој вид на микроскопски патриотизам се губи кога гореспоменатите нешта ви се случувааат. Затоа ги вложувате сите напори во тоа да најдете начин да си заминете.

Ги гледам очите на моите родители кога зборувам за заминување, и тоа ме прави многу тажна. Го слушам разочарувањето во гласот на татко ми кога вели дека „го поминал неговиот живот во оваа дупка, да заминам и да го живеам животот кој го заслужувам“. Ја чувствувам болката во срцето на мајка ми кога се обидува да најде начин да ме задржи овде, но знае дека нема.

Најлошата работа е што нема кого да обвинуваме. Сакам да имаше личност која е одговорна индивидуално, па да се ослободевме од неа и да почневме одново. Другите слободоумни граѓани како мене велат дека тоа е нашиот премиер. Не се согласувам. Тоа сме ние, нашата нација. Нашиот начин на размислување е толку погрешен, што се согласуваме и продолжуваме да молчиме за нешта на кои секаде во светот би се гледало како на криминал. Едноставно е. Има една поговорка: „Подобро прв во село, отколку последен во град“.

Прилично е смешно. Во англискиот јазик зборовите „live“ (живее) и „leave“ (си заминува) се толку слични, што дури и звучат исто. Мојот единствен начин да живеам е да ја напуштам оваа држава. Си заминувам и ги земам сите што ги сакам со мене. Заслужуваме подобро. Збогум, Македонија. Се надевам дека еден ден ќе се вратам како турист и ќе те видам во подобра состојба. Те сакам, но ти раскинувам. Не е до мене, до тебе е.