[Став] Зошто не се означив „безбеден“ на Фејсбук по нападот во Лондон

Пишува: Арон Балик за Индепендент

Лондон Бриџ е на дваесет и пет минути пеш од мојата зграда. Пред две ноќи ги слушнав сирените. Додека вестите почнуваа да стигаат во фрагменти, започнаа нотификациите на мојата Фејсбук страница, давајќи ми до знаење дека „тој и тој се означил себеси како безбеден на Фејсбук“. Кога кликнав, бев соочен со: „Напад во Лондон: кажи им на пријателите дека си на безбедно“.

Природно, драго ми беше да разберам дека моите пријатели и сакани се безбедни. Истовремено, немав никаква желба самиот да ја искористам таа алатка. Додека нотификациите се зголемуваа, мојот отпор растеше. Подоцна добив уште една нотификација. Овој пат од конкретен пријател, кој сакал да знае дека сум на сигурно, но избрал да не ми се јави или да ми прати порака.

Најпосле, совршено има смисла. Зошто да дозволите пријателите и саканите да се прашуваат, дури и за момент, дали сте добро – кога вие можете да ги известите дека сте надвор од опасност? Но, оваа Фејсбук алатка е многу попроблематична отколку што изгледа.

Огромното мнозинство од нас во Лондон се сигурни – но алатката „означи се за безбеден“ на Фејсбук, парадоксално прави да се чувствуваме дека опасноста е наша нормална состојба кога ќе се случи во близина нешто слично на терористичкиот напад од пред два дена.

Шери Туркл, научник од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), забележува како мобилните технологии не поврзуваат на тој начин што го губиме капацитетот да се чувствуваме сигурни освен кога сме во постојан контакт. Родителите, на пример, кои порано беа навикнати со часови да веруваат дека нивните деца се ОК, сега можат постојано да им испраќаат пораки. Иако ова може да изгледа како прифатливо, имплицира комуникација на недостаток на доверба во основната безбедност на нивното дете – крајно заканувајќи се на нивното чувство на грижа за себе и автономија. Ова исто може да се примени на другите членови на семејството, пријатели и партнери во романса – можноста од постојан контакт ни поттикнува стрес дека, ако не ни одговорат веднаш, мора да се случило нешто лошо.

Од тоа што го разбрав од настанот пред два дена, мојата претпоставка беше дека моите пријатели се веројатно добро. Се надевав дека и тие би претпоставиле дека јас сум сигурен, освен ако не слушнат поинаку. За настани како оној од пред два дена, проверката на безбедност на Фејсбук ја превртува оваа претпоставка. Создава претпоставка дека ние не сме сигурни додека не ги известиме луѓето дека сме. Создава култура на хипер-претпазливост која го поткопува нашиот капацитет да се чувствуваме релативно безбедни за нашата околина.

Ова не значи дека не постојат реални ризици – сепак ризикот од тоа да се биде убиен или повреден во терористички напад во Велика Британија е сè уште блиску до непостоечки. Доколку сакавте да направите Фејсбук безбедносна проверка за ризиците кои ги имате подобро е да се означите како „безбедни“ после возење велосипед или автомобил на автопат – двете активности имаат поголема веројатност да резултираат со несреќни последици.

Нема утеха за тагата и загриженоста за оние кои беа повредени и убиени во нападот пред два дена. Но, мораме да се запрашаме, дали алатката за проверување на безбедноста некако им помогна? Покрај целото осигурување кое им го даде на оние кои на никаков начин не беа поврзани со страотните настани, оние кои беа таму, не беа безбедни и неможноста нивните сакани да ги контактираат сигурно претставувало ужасно искушение.

Ова чувство на страв го делеле и многу други во нивната ситуација на паника бидејќи, поради најразлични причини, нивните сакани не биле означени како „безбедни“ на Фејсбук, иако тие биле сосема сигурни.

Употребата на таква алатка за време на настани како нападот пред два дена може да го зголеми личното учество на корисниците во инцидентот, водејќи кон тоа тие да се поврзат подлабоко од вообичаеното со социјалната мрежа. Ова е недвојбено добра работа за Фејсбук статистиките, но се прашувам колку служи на јавниот интерес.

За настани кои навистина опфаќаат огромен број луѓе на одредено место – како земјотреси, цунами или хемиски оружја, ситуацијата е поинаква и „безбедносната проверка“ има повеќе смисла, бидејќи ризикот од тоа да се биде повреден е многу поголем. Третирајќи ги настаните од пред два дена на ист начин, им даваме важност на оние кои сакаат раздор, што најпосле е токму тоа што го сакаат.

Арон Балик е автор на „Психодинамиката на социјалното вмрежување“ и е директор на Stillpoint Spaces London, организација која се занимава со психолошко размислување надвор од собата за медицински консултации.