[Став] За поимите „наркоман/наркоманија“ или за лингвистичката конструкција на непосакуваната стварност

Навистина е чудо како демократизацијата во комуникацијата, персонифицирана во дигиталните социјални мрежи и во многубројните автономни информативни портали на интернет, овозможува воскрснување на „бајати“ вести и иницира интензивни јавни дебати. Благодарение на можностите за интензивна комуникација книгата „Дрога – Болест на денешнината“, чиј автор е невропсихијатарот Бошко Томовски, објавена во 1998 година, стана актуелна во 2015 година. Но, не е иновативноста на содржината тоа што ја поттикна јавната дебата, туку застарената и несоодветна терминологија со која авторот дрогите ги означува како „болест на денешнината“ и во која дава сопствени видувања како општеството треба да се справи со нив.

Според реакциите јавноста најмногу беше револтирана поради тоа што авторот одредени животни, музички и модни стилови поистоветува со употреба на дроги поради тоа што изнесува неточни податоци за дрогите и за нивното дејство и поради терминологијата што ја користи, односно затоа што сите луѓе кои употребуваат дроги ги означува како „наркомани“. Авторот, од своја страна, преку медиумите се оправдуваше дека книгата е напишана врз основа на неговото долгогодишно професионално искуство како невропсихијатар и дека најдобар показател е тоа што книгата е објавена во 120.000 примероци на три јазици, македонски, албански и српски, а сè уште се користи во образованието и се цитира во поновите стручни трудови. Неговите изговори уште повеќе го подгреаја револтот на луѓето кои имаат поголемо искуство со дрогите од авторите на „научни“ трудови на оваа тема во Македонија. Впрочем, генерацијата преку која Бошко Томовски го стекнувал своето знаење денес е многу повозрасна и има многу поразлична перцепција за дрогите од онаа што преовладуваше кон крајот на дваесеттиот век.

Сосема независно од претходниот пример, во истиот период, по некоја необична случајност, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ објави анализа на 22 учебници и наставни помагала кои наставниците во средното и во високото образование во Македонија сè уште ги користат при предавањата за дрогите. Учебниците во високото образование се користат на студиите по медицина, правни студии, социологија и социјална работа, психологија, педагогија, филозофија, студии по безбедност и сродни студии. Според анализата најчести изрази со кои во анализираните учебници се означува употребата на дроги се: „наркоманија“, „уживање на опојни дроги“, „токсикоманија“, „наркоманска употреба“, „зависничка страст“, „дрогирање“; додека луѓето кои употребуваат дроги се означуваат како: „наркомани“, „нарко-зависници“ и „зависници“.

Од двата примера се забележува дека употребата на дроги во стручната литература начесто се нарекува наркоманија, а луѓето кои употребуваат дроги се нарекуваат наркомани. Од извадоците од книгата на Бошко Томовски е очигледно дека тој наркоманијата ја изедначува не само со употребата на наркотици туку и со „кокаиноманија“, „марихуаноманија“, „барбитуроманија“ итн. -„манија“. При ваква „стручна литература“ воопшто не е изненадувачки што јавноста во Македонија сè уште не може да направи разграничување меѓу употреба на дроги и зависности од дроги.

За значењето на поимите „наркомани“ и „наркоманија“

За почеток е важно да се истакне дека не се сите дроги наркотици. Под наркотици се подразбираат опиумот и дериватите на опиумот што потекнуваат од билката афион (Papaver somniferum), познати и како опијати, но и фармацевтските производи кои дејствуваат на истите рецептори во организмот, а се познати како опиоиди. Така, бидејќи секоја дрога не е опијат, не може секоја употреба на дроги да се нарече наркоманија. Впрочем, наркоманија е повеќе медицински израз со кој се означува неодоливата потреба за наркотици, односно зависноста од наркотици. Интересно е да се напомни дека овој поим е речиси непознат во Западна Европа и во Северна Америка, а често се користи/се користел во земјите со претходно социјалистичко општествено уредување. Од друга страна, зависност од дроги е дијагноза која ја востановува стручно медицинско лице и затоа не може секој човек кој употребува опијати да се нарече наркоман. Многу луѓе користат дроги само за рекреативни потреби и никогаш не покажуваат симптоми на зависност или поведение спротивно на општоприфатените норми. Но, овој текст не се однесува на дрогите и на луѓето кои употребуваат дроги, туку на улогата на изразите „наркомани“ и „наркоманија“ во конструкцијата на општествената стварност – најчесто онаа непосакуваната.

Од медицинска перспектива можеби постои оправдување за употребата на овие поими, но само кога се однесуваат на луѓето кај кои е дијагностицирана зависност од наркотици. Овие поими во никој случај не можат да важат за луѓе кои не се зависни од наркотици, а употребуваат други видови дроги. Сепак, активистите за правата на луѓето кои употребуваат дроги, но и самите луѓе кои употребуваат дроги, истакнуваат дека поимите „наркоман“ и „наркоманија“ ги чувствуваат како исклучително стигматизирачки, особено поради значењето кое е „накалемено“ на овие поими. И ова е линијата од која ова прашање од медицинската преминува во социјалната сфера.

Употребата на дроги се смета за општествено неприфатлива појава и е криминализирана во поголемиот дел од светот. Оттука луѓето кои употребуваат дроги се сметаат за отпадници од заедницата, криминалци, измамници, бадијалџии, односно сите оние негативни особини кои помалку или повеќе ги има секој човек во случајов ѝ се припишуваат на цела група. Општествената нетрпеливост кон луѓето кои употребуваат дроги многу јасно е изразена во публикацијата „Македонски општествени вредности“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка во која е наведено дека 96,8 % од испитаниците не сакаат да имаат соседи кои употребуваат дроги, а на 92,3 % од испитаниците им пречат центрите кои овозможуваат услуги наменети за луѓето кои употребуваат дроги во нивното соседство.

Одбивноста на општеството кон луѓето кои употребуваат дроги постојано се потврдува и во работата на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Во скопската Општина Шуто Оризари, во 2008 година локалното население, по иницијатива на „група граѓани“, потпишуваше петиција против напорите за отворање центар за зависности во оваа општина. Поради институционалната стигматизација, програмите за намалување на штети во Македонија почнаа да развиваат социјални и здравствени услуги затоа што луѓето кои употребуваат дроги се маргинализирани од социјалните и од здравствените установи.

Врвен показател за одбивноста кон луѓето кои употребуваат дроги е ставот на политичарите како јавни избраници кои би требало да ги застапуваат јавните интереси. Најспецифичен пример е актуелната градоначалничка на Општината Кисела Вода во Скопје која во клучните заложби во текот на својата предизборна кампања во 2013 година ветуваше дека ќе го дислоцира Центарот за зависности сместен во оваа општина. Ни градоначалниците на другите скопски општини немаат похуман однос кон луѓето кои употребуваат дроги. Во периодот меѓу 2005 и 2008 година, неколкумина од тогашните градоначалници суптилно ги опструираа обидите за отворање центри за зависности во општините со кои управуваа.

Гранката на која седиме

Негативниот набој содржан во поимите „наркомани“, „наркоманија“ и сл. се претвораат во лингвистички репертоар кој, по принципот на она што Џорџ Грејс (George W. Grace) го нарекува „споделена онтологија“ (shared ontology), го репродуцира и го поддржува усогласувањето на негативниот однос на пошироката заедница кон луѓето кои употребуваат дроги. Како што истакнува Џорџ Грејс, преку споделената онтологија секојдневно ја создаваме и ја репродуцираме токму стварноста која не ја посакуваме концептуализирајќи ја преку зборовите кои ги користиме.

Притисокот на општеството преку ваквиот лингвистички репертоар крајно неповолно влијае на луѓето кои употребуваат дроги и ги принудува да се соживуваат со маргинализираниот статус кој општеството принудно им го доделува и развиваат специфични внатрешни односи кои можат да ги загрозат нивното здравје и социјален статус. За да ги избегнат споменатите „етикети“, многу луѓе кои употребуваат дроги се принудени да ги кријат своите практики за употреба на дроги, развиваат специфични системи за комуникација и за преживување и, во зависност од видот на дрогите и честотата на употреба, развиваат недоверба кон институциите од кои би требало да добиваат помош.

Преку повеќе истражувања, а и преку практични искуства во изминативе дваесетина години беше забележано дека луѓето кои употребуваат дроги најголема стигматизација чувствуваат токму од институциите кои би требало да им даваат поддршка. Во страв од полициски прогон и од јавно обележување во социјалните и во здравствените институции, овие луѓе одбиваат да бараат социјални и здравствени услуги со што ги ризикуваат сопственото здравје и општествена благосостојба. Интересот на јавноста за овие прашања се сведува на коментари од типот: „тоа треба да се истреби“ или во најдобар случај „тоа не е моја работа“. Но, дали навистина може да се истреби и дали навистина не е моја работа?

Искуствата покажуваат дека репресивните политики не помогнаа да се сузбие употребата на дроги. Напротив, со тоа се помогна збогатувањето на поединци кои се занимаваат со незаконско производство, продажба и пуштање во промет на дроги. Исто така, благодарение на репресивните политики во поново време, секојдневно се појавуваат нови видови психоактивни супстанции за кои и најбогатите држави немаат решение. Трошоците за полициските, за социјалните, за здравствените и за други интервенции поради дрогите сериозно го засегааат државниот буџет, но и буџетите на семејствата кои се директно засегнати со овие прашања. И зошто е така? Поради политиките за дроги засновани на стереотипи и непотполни знаења.

А дали дрогите „не се моја работа“? Се разбира дека се. Ако со својот лингвистички репертоар го одржувам постоечкото јавно „знаење“ за дрогите и го репродуцирам системот кој ги стигматизира и дискриминира луѓето кои употребуваат дроги, секако сум директно засегнат. И почнувам да сфаќам дека промената на политиките и практиките за дрогите ќе овозможат посоодветно искористување на средствата кои сега се користат за репресија. Затоа најмалку што можеме да направиме е да го смениме лингвистичкиот репертоар, а на новиот лингвистички репертоар да не му даваме негативни значења. Треба да ни биде јасно дека луѓето кои употребуваат дроги се токму тоа што е содржано во овој израз – луѓе. И да ни биде јасно дека нивната практика да употребуваат дроги е само еден аспект на нивните животи. Само на овој начин ќе престанеме да ја сечеме гранката на која седиме и ќе создадеме услови за изградба на општество по мерка на секој член.

Вања Димитриевски

Извор: ХОПС

Авторот работи како програмски асистент за истражување во ЦЕДИ – Центар за едукации, документирање и истражување при Здружението ХОПС – Опции за здрав живот. Има магистратура по етнологија и антропологија и долгогодишно истражувачко искуство меѓу различни општествено-маргинализирани групи/заедници, особено меѓу луѓето кои употребуваат дроги.