[Став] Што се случува со дивоградбите?

Во моментов, во Собранието се води постапка за усвојување на два прописи поврзани со легализација на дивоградби. Еден е нов закон, насловен „ Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“, вториот е продолжување на постоечкиот „Закон за постапување со бесправно изградени објекти“. Заклучоците од нашата анализа се многу загрижувачки, а имајќи на ум дека и двата документи се предложени од страна на Владата, се прашуваме дали нашата Влада свесно го поткопува владеењето на правото?! Озаконување на бесправно изградени објекти во својата основа има противуставност, бидејќи легализира кривично дело „бесправно градење“ (чл.244-а од Кривичниот законик), но тука не запира правниот хаос во кој Владата ја турка државата (доколку Собранието ги усвои нејзините предлози):

  • Со новиот Предлог-закон престануваат да важат одредбите од законот кој истовремено се продолжува за уште 5 години. Владата предлага продолжување на важноста на законот кој истовремено го укинува со новиот Предлог- закон?
  •  И двата закони уредуваат иста материја (утврдување на правен статус на бесправни објекти) и ги опфаќаат бесправните објекти изградени пред 03.03.2011 година. Владата предлага хаос во кој надлежните институции сами ќе одбираат по кој закон ќе постапуваат за објекти изградени до овој период? Врз основа на што ќе се прави овој избор?
  • Новиот Предлог-закон им овозможува на барателите, кои претходно биле правосилно одбиени по постојниот закон, да поднесат ново барање по новиот закон за иста работа. Владата свесно го нарушува принципот на правна сигурност и важноста на правосилните одлуки на надлежните институции? Анализата на двата закони станува особено загрижувачка во контекст на зачувувањето на нашето единствено светско природно и културно наследство – Охридскиот регион. Урбанизацијата е една од главните причини за лошата состојба на вредностите на нашето најголемо богатство, поради што од 2019 година истото е на чекор да биде прогласено за светско наследство во опасност. Една од најважните препораки за зачувување на наследството се однесува токму на дивоградбите, чија легализација УНЕСКО побара итно да се стопира уште во 2017 година. Како ќе изгледа имплементацијата на оваа препорака, доколку се усвојат предлозите на Владата?
  • Новиот Предлог-закон не ги запира веќе започнатите постапки за легализација, а продолжувањето на стариот закон овозможува истите да бидат финализирани до 2026 година. Со ова, Владата овозможува легализација на огромен број дивоградби во Охридскиот регион за кои се водат постапки (над 11.500 дивоградби само во Општина Охрид);
  • Не само што не ги запира започнатите постапки за легализација – со новиот Предлогзакон Владата предлага да се стопираат поведените постапки за отстранување на
    бесправните објекти (?!);
  • Со новиот Предлог-закон Владата овозможува легализација и на дивоградбите изградени по 2011 година (што беше невозможно со постоечкиот закон), конкретно Владата предлага можност да се легализираат дивоградбите изградени до 01.10. 2019. (се прашуваме врз основа на што е определен токму овој рок?!) Со други зборови, Владата овозможува да се зголеми веќе аларматниот број на досега поднесените барања за легализација во Охридскиот регион – над 16.000 барања само во Општина Охрид;
  • За оние дивоградби чија легализација била одбиена, сега Владата предлага да им се овозможи легализација и сепак да станат „законски градби“. Тоа значи над 2.500 одбиени легализации само во Општина Охрид, сега добиваат нова шанса. Во новиот Предлог-закон има обид да се прикаже посветеност кон исполнувањето на препораките на УНЕСКО, па истиот содржи член според кој законот не важи за оние дивоградби за кои ќе се утврди негативно влијание во студиите за оцена на влијанието врз животната средина и културното наследство. Станува збор за студии кои не се спроведуваат и за кои во Извештајот до УНЕСКО (усвоен од истата Влада која го предлага законот) се тврди дека нема правна основа да се спроведат. Да сумираме: благодарение на законите кои ги предлага Владата, во Охридскиот регион ќе може без никакви правни пречки да се легализираат сите дивоградби кои се изградени и поднеле барање до март 2011 година, вклучително и оние кои се веќе одбиени; и сите дивоградби изградени до октомври 2019 година (додуша оние кои нема да имаат негативно влијание во студиите за проценка на влијанието, но бидејќи студии не се спроведуваат и нема да се спроведуваат во догледна иднина – нема ни да има дивоградби со негативно влијание). Сликата станува уште посериозна кога на сето ова ќе се додаде фактот дека и за двата закони Владата, преку Министерството за транспорт и врски и го оневозможи правото на јавноста да биде информирана и вклучена во процесот на донесување, односно го прекрши сопствениот Деловник кој и наметнува обврска да ги објави на ЕНЕР и на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски и да ги земе предвид мислењата на јавноста. Имајќи на ум дека законите регулираат активност која има влијание врз животната средина, како и специфично влијание врз Светското природно и културно наследство, со неинформирање и спречување на учеството на јавноста, Владата прекрши и две меѓународни конвенции – Архуската и Конвенцијата за светско наследство.

Ставот го пишува Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.