[Став] Сексуалната злоупотреба во „најопасната земја за жени во светот“

Жените во Авганистан се соочуваат со насилство секој ден. Во 2014 година, Авганистанската независна комисија за човекови права забележала 2026 случаи на насилство врз жените, што е пораст од 15,7 посто во однос на две години претходно.

Само минатата година, 162 жени биле претепани до смрт, а 92 од тие инциденти се опишани како „убиства за чест“. Не е ни чудно што Авганистан го носи епитетот „најопасна земја за жени во светот“.

Овие индиценти не се случуваат само во руралните области на Авганистан, како што често се мисли, туку и во поголемите градови како Херат и Кабул. Настрана од физичкото насилство, други видови на насилство над жените се исто така широко распространети. Веројатно формата за која најретко се зборува е сексуалната злоупотреба, која се случува на работните места, образовните институции и на улиците.

Авганистанскиот проблем со сексуалната злоупотреба ја спречува инклузијата на жените во општеството. Иако пристапот до образование на девојчињата и работа за жените се подобрени од 2001 година, непријавената сексуална злоупотреба прави на девојчињата и жените да им биде тешко да ги користат овие можности.

Во земја во која традициите, табуата и стигмите, во комбинација со слабото владеење на правото, го ограничуваат  пристапот на жените до правда и ја одложуваат на нивната еманципација, не е ни чудно што многу случаи на сексуална злоупотреба остануваат непријавени. Сепак, многу невладини организации ја презедоа задачата да собираат податоци и да забележуваат случаи на малтретирање.

Податоците се загрижувачки. Неодамнешно истражување на Women and Children Legal Research Foundation, која има добиено грант од Open Society Afghanistan, било спроведено во седум провинции. Резултатите покажуваат дека девет од десет девојчиња и жени во овие провинции биле злоупотребени најмалку еднаш. За жал, 14 посто од испитаниците кои доживеале злоупотреба во училиштата и универзитетите се отпишале од овие институции.

Неколку организации работат во Кабул за да ја подигнат свеста, да овозможат поддршка за жртвите и да лобираат за криминализација на злоупотребата. После неколку години ваква борба, во август Авганистанскиот совет на министри ја усвои Регулацијата за превенција на сексуално злоупотребување, предложена од комитет на неколку граѓански организации. За регулативата да стане закон усвоен во парламентот ќе биде потребен непрекинат напор, а ќе биде особено клучно за жените од помалку развиените провинции каде на нивните маки е посветено оскудно внимание.

Бамјан е една од таквите провинции. Лоцирана во централниот планински регион, секојдневно расте како што нејзините универзитети стануваат популарна дестинација во централен Авганистан. Невладиниот сектор исто така се развива, и во изминатите децении се појавија неколку невладини организации, поддржувајќи ги активностите на жените и младите девојки во јавниот живот како студентки, вработени и активистки.

Оваа растечка присутност на жените во јавната сфера донесе предизвици. Иако многумина претпоставуваат дека релативно мирната провинција нуди пригодна околина за жените, девојчињата и жените кои живеат таму ќе ви го кажат спротивното. Интервјуирајќи студенти, машки и женски, дознав дека девојчињата и жените се соочуваат со злоупотребување насекаде, особено во бајманските академски институции и на улиците.

Недостатокот на јавна свест, непостоењето на закони против злоупотребата, корумпираниот правен систем и индиферентните полициски сили го влошија проблемот. Иако во главниот град беше постигнат одреден напредок, сé уште има долг пат кој треба да се изоди. Невладините организации мора да го фокусираат своето внимание и работата да ја насочат кон локалното население, за присуството на жените во јавниот живот во Авганистан да не исчезне повторно.

Пишува: Mustafa Daimerkisha

Извор: Open Society Foundations