[Став] Проф. Зоран Здравковски: Зошто протестирам?

Се чудат зошто протестираат оние што не се погодени од измените во Законот со одредбите за екстерниот/државниот испит. Така, им порачуваат на сегашните студенти, нив не ги засега – тие не треба да протестираат! Логика на место. Јас бев студент пред многу години и измените во Законот не се однесуваат на мене. Не треба да протестирам и да излегувам на оваа возраст, да мрзнам по ова време. Тие се во право, нели? Зарем воопшто можат да згрешат?

Велат дека протестираат професорите затоа што ќе им се нарушела комоцијата. Мора да сум во таа група. Работам на Институтот за хемија од 1976, со исклучок на една година во ЈНА, една година престој во Љубљана во Словенија за изработка на докторска дисертација што таму ја бранев по три години и две години постдокторски студии на Универзитетот на Њу Орлеанс. Веројатно ќе ми се наруши комоцијата со тоа што ќе мора да составувам прашања за надвор од Универзитетот државноформираниот Одбор за акредитација и евалуација. Одборот што, изгледа, не си ја вршеше работата и генерираше дел од сегашниот проблем, да се награди со уште поголеми ингеренции. Пет прашања со по четири одговори, со различна тежина?!? Навистина ќе имам проблем! Во сите овие години на факултет како студент, постдипломец, докторанд, асистент, доцент, вонреден професор и редовен професор ниту еднаш не сум полагал, ниту пак сум составувал прашања за студенти со четири понудени одговори. И тоа претходно да им се дадат и прашањата и одговорите!!! Многу сакам да ги видам прашањата на професорите-педагози што го поддржуваат овој предлог. Во која држава се применува овој модел на испитување на универзитетско ниво???

Дополнително извртување на работите или, по новоговор, спинување, е државниот испит за регулираните професии кој се полага по доделувањето на дипломите да се претставува како овој предлог каде што ќе треба секој предмет повторно да се полага пред добивање на дипломата. Во моментов предавам курс компјутери во хемијата, во прва година. Предметот опфаќа повеќе апликативни програми од областа на хемијата. Оценката се формира од активност на час, семинарски труд (каде студентите учат елементи што се применливи и за трудови во списанија, но и ако станат министри да пишуваат дописи како што треба) и испит што се полага на компјутер. Кои пет прашања со по четири одговори ќе го оценат нивното знаење и ќе бидат замена за вака добиената оценка? Кои се тие надвор од Универзитетот кои ќе го вршат оценувањето од област што не ја познаваат? Веројатно сепак јас не знам… Тие се во право, нели? Зарем воопшто може да згрешат?

Некако отпосле се сетија дека ќе ми се наруши комоцијата затоа што ќе сум морал да објавувам трудови во списанија со фактор на влијание. Мојот прв труд беше напишан на англиски и објавен во Acta pharmaceutica Jugoslavica, едно од најреномираните списанија од природните и медицинските науки во Југославија, што ми беше услов да магистрирам. Подоцна Институтот за хемија самоиницијативно си постави сопствени критериуми, многу построги од факултетските и универзитетските, како услов за магистрирање и докторирање. Како што е познато Институтот за хемија е водечки во нашата земја по број на објавени трудови и покрај тоа што е еден од помалите според кадарот. Не ја разбирам комоцијата што ја имам, но мора тие да се во право. Зарем воопшто може да згрешат?

Кога сме кај омилените списанија со фактор на влијание, случајно или намерно, сум главен и одговорен уредник на единственото автентично од Македонија списание со фактор на влијание: Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (www.mjcce.org.mk). Патем, факторот на влијание не бил замислен како параметар за мерење на квалитетот на авторите кои таму објавуваат туку како параметар за споредба на самите списанија без оглед на тоа дали објавуваат голем или мал број на трудови. Оваа година во јуни во МАНУ прославивме 40 години од излегувањето на првиот број. Бевме почестени со присуството на тогашниот Министер за образование и наука. Откако го ислуша моето излагање, самоиницијативно јавно вети дека МОН ќе помогне во финансирањето. За да му помогнам во наоѓањето на формата, му ги испратив законските акти како се прави тоа во Хрватска. Набрзо беше сменет, но стана заменик министер. По безброј мои телефонски повици, до средба никогаш не дојде ниту пак до системско решавање на финансирањето.

Бидејќи издавач е Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и понатака зависиме од добрата волја на високообразовните институции, ако дозволи „трезорот“. Кај некои ректори, проректори, декани, шефови на институти има разбирање, кај други не, дури има и понижувачко однесување. А средствата се за трошоци за англиско лекторирање, техничка подготовка, печатарски трошоци, одржување на сервер, а ниту денар за хонорари на членовите на Уредувачкиот одбор вклучувајќи ме и мене како главен и одговорен уредник, но и т.н. веб-мастер, поштар, техничко лице за поправка на серверот, просјак… Тие кои толку ги ценат овие списанија можеа да се заинтересираат зошто нема повеќе такви што ќе ја афирмираат и промовираат нашата земја, но имаат и едукативна улога за нашите автори: да видат што ги чека кога ќе пробаат да објавуваат во вакви списанија. Дали тоа што работам на доброволна основа, а резултатите, еве, се светски валоризирани и од Thomson Reuters и од бројните автори од целиот свет кои поднесуваат тука трудови, е мојот комодитет за кој зборуваат? Но, тие се во право, нели? Зарем воопшто може да згрешат?

Да, навистина зошто протестирам? Протестирам затоа што не ни требаат постигања од типот на „98% запишани средношколци на факултет“. Протестирам затоа што не ни требаат Универзитети на секое ќоше, без елементарни услови за работа и кадар, кои го девалвираат високото образование. Протестирам затоа што со овие измени се лечат последиците на таквите лоши политики и тоа на лош начин, место таа политика целосно да се ревидира. Протестирам затоа што решението им е јасно на сите: треба нов закон подготвен не според некои иновативни решенија туку според она што функционира во многу земји вклучувајќи ја и земјата која, еве, стана репер. Но и придружната политика: да се издвојат соодветни средства во буџетот. Наместо 0,2% од БДП, најниски во Европа, постепено да се покачи на препорачаните 3%; да се вработуваат млади соработници (има божем и Закон за тоа!) кои се вид во изумирање на нашиот најдобро рангиран универзитет. Добар почеток би било да се формира Министерство за наука и високо образование кое во соработка со универзитетската заедница ќе ги гради и негува високото образование и науката. Затоа што имаме одлична основа.

Пред нас да нè споредуваат со Словенија, самите нека се споредат со политичарите од таа земја, има многу што да научат, особено што имаме заедничка предисторија. Ние со нив имаме 30-40 годишна соработка – пред пет години го поканивме Ректорот на Универзитетот во Љубљана за да изврши евалуација на Институтот за хемија. Интересно, во Владата немаа време да го примат, а имаше многу предлози за Владата бидејќи и самиот претходно беше тамошен државен секретар за високо образование и наука. Да, резултатите од таквата политика нема да се видат брзо, ќе треба време, но тоа е вистинско вложување во иднината на земјата. Начинот на кој се води оваа постапка за донесување на законските измени, со забрзано темпо, со криење и бегање од дебата, јасно укажува дека целта на измените на Законот, за жал, воопшто не е подобрување на квалитетот туку нешто сосем друго. Инаку зошто нè сметаат за непријатели – ние единствено сакаме да бидеме партнери во нешто во што имаме искуство и во што се разбираме.

И да, протестирам бидејќи никој во текот на мојата кариера вака не ме понижил. Никогаш не сум очекувал ниту благодарност ниту признание, ама најмалку пак вакво омаловажување!!

Забелешки:

1.Со задоволство ја прифатив идејата на Премиерот и учествував во преведувањето и уредувањето на преводот на учебник по Општа хемија од владиниот проект за преводи на учебници како и мнозинството мои колеги од Институтот за хемија, затоа што Премиерот ни је „украде“ идејата. Ние како студенти учевме од американски учебници благодарение на проектот PL-480 на американската влада или како што се велеше во жаргонот „од житото на Темпо“. Но кај нашиов проект видов огромен број катастрофални преводи (кои треба да се уништат!), како и лош избор на учебници кои сега се наложува да се користат.

2.Конкурирав и добив проект од Владата за научноистражувачки лаборатории и покрај зајадливите забелешки на некои мои пријатели дека политички сум се определил. Мојот одговор беше дека за сите години на факултет ниту еден Премиер не ме прашал што ми треба и дека немам морално право тоа да го одбијам. Добив одлична лабораторија, но за жал, не и она што пишуваше во предлог-проектот, дека предуслов за да функционира е да се прими и кадар, да се издвои годишна амортизација … како што, ете, се прави во Словенија. Отпосле испадна дека тие не биле лаборатории за научни истражувања туку требало да се акредитирани лаборатории за рутински анализи.

3.Патем, никогаш не сум бил член ниту сум помислувал да бидам член на некоја партија – мојата партија била просветата, хемијата, мојата институција и мојата земја. Слободно проверете кај моите колеги и бивши и сегашни студенти!

Проф. д-р Зоран Здравковски, Институт за хемија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Текстот е преземен од блогот на Професорскиот пленум