[Став] Поделеноста на социјалните мрежи и нашите предизвици

Мотивација и поттик за пишување на оваа моја колумна ми даде разговор со една моја навистина драга и почитувана личност која навистина ми значи. Знаете навистина е прекрасно кога сте опкружени со вистинските луѓе покрај вас. Можете да разговарате на најразлични теми во една опуштена атмосфера и времето ви поминува додека трепнете.

Така пред неколку дена разговаравме за некои од актуелните случувања во нашата држава и во мене се појави желбата да ја напишам оваа колумна. Би започнал од доста актуелната Парада на городста којашто се одржа скоро во нашиот главен град. Не би заземал став на оваа тема, но доста интересно за мене беше тоа што се случуваше во наредните неколку дена на социјалните мрежи. Доста изненадувачка за мене беше поделеноста помеѓу граѓаните.

Постојано се пишуваа статуси и објавуваа фотографии некои во знак на подршка, другите во знак на протест. За жал ова не е прв пат да видиме толкава поделеност помеѓу граѓаните на социјалните мрежи. Во изминативе години можеме да пронајдеме уште безброј примери кога имаме огромна поделеност помеѓу нашите граѓани. Во едно демократско опшество навистина е добро кога имаме различни мислења и ставови на една тема бидејќи можеме да изградиме една корисна дебата од која би извлекле доста добри и корисни работи. Но, тоа што ја прави целата ситуација посложена е фактот што кај нас се повеќе и повеќе среќаваме говор на омраза по социјалните мрежи. Кај нас многу ретко целиме да направиме една корисна дискусија со другите членови на социјалните мрежи. Кај нас се цели токму на спротивното – да се навредат, омаловажат и исмеваат сите оние кои мислат или говорат спротивно од нас и нашите ставови. Тоа несомнено ја прави целата ситуација уште посложена и потешка за сите.

Присуството на новите генерации на социјалните мрежи ја прави целата ситуација уште покомплицирана. Тие од својата најрана возраст се на социјалните мрежи и секојдневно се соочуваат со ваквите посотви и говорот на омраза. Наместо да изградиме една младина која ќе ги почитува вистинските вредности и ќе има еден европски дух ние ним секојдневно им шириме омраза. Тоа, почитувани, сум сигурен дека нема да донеси успех. Секој од нас мечтае за едно подобро утро, подобри примања, подобра економска состојба, без големи политички кризи и стабилна европска држава.

Но, доколку сакаме тоа да се оствари и да не биде само еден пуст сон ние мораме да почнеме да работиме  на тоа. Никој нема нам да ни рече БРАВО за пишувањето статуси по социјалните мрежи и ширењето омраза. Тоа не води никаде. Само ќе се враќаме назад. Доколку сакаме успех мора секој од нас да започнеме со работа, макар било тоа и најситна работа. Една латинска поговорка гласи: ,,Aut inveniam viam aut faciam” – „Јас или ќе најдам пат, или ќе направам!’’.

Ние мораме да се избориме и да го направиме тој наш пат. Сите знаеме дека се соочуваме со безброј проблеми. Но, кога ќе размислам подобро не се тоа проблеми. Тоа се предизвици со кои треба да се избориме. Во последниве недели е незавидната ситуација на Охрид. Овој наш град е под голема закана дека ќе го загуби статусот Град на УНЕСКО. Ова несомнено е еден огромен предизвик кој што е доста значаен за целата наша држава. Несомнено во изминатите години имало низа пропусти на повеќе места и затоа сме до оваа ситуација. Но, тоа нема да ги реши работите.

Обвинувањата за грешките од минатото ништо нема да сменат. Доколку сакаме резултати мора да продолжиме да се бориме и покрај сите лоши работи кои се случиле во изминатиот период. Бидејќи не се работи само за поединци. Доколку би имале успех успехот е подеднаков за сите. Доколку доживееме неуспех тоа е неуспех за сите. Не смее тука да има поделби. Ова е држава на сите нас. Без разлика на се. Пописот кој треба да се одржи во почетокот на наредната година исто така е тест и голем предизвик за нас. Тоа ќе ја покаже нашата спремност и зрелост на патот кон Европа.

Сите овие работи, а ги има уште доста, се тест и предизвик за сите нас како опшество, како една единка. Исто така мораме да ги воспитуваме и новите генерации. Бидејќи пред се сите сме луѓе. Затоа, почитувани, доколку сакаме да постигнеме резултати, сакаме успех време е да ги преземеме работите во свои раце и да почнеме веднаш со работа. Омразата на социјалните мрежи и дебатите кои ги водиме со часови верувајте нема да ни ги донесат резултатите кои сите ги посакуваме. Дали сме спремни? Навистина верувам во нас! Колку и да звучи тоа оптимистички навистина верувам дека ќе успееме. За почеток доволно е да започнеме со решавање на најмалите работи. Бидејќи, знаете, малите работи создаваат еден исклучително голем живот!

Александар Темелкоски, средношколец во СОУ Гимназија ,,Мирче Ацев” Прилеп