[Став] Основите на ветерната енергија

Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа

Ветерната енергија е една од најбрзорастечките извори на енергија во светот. Овој тип на енергија беше најголемиот извор на производство на обновлива енергија во ЕУ во 2018 година. За некои, глетката на големи бели турбини на хоризонтот е симбол на напредок и чиста енергија, но истата се соочува и со силна и гласна опозиција. 

Луѓето градат ветерни структури повеќе од 1.500 години. Првите документирани ветерници се користени од Персијците во 500-900 години во н.е. за мелење жито и пумпање вода. Ветерните турбини што се користат за електрична енергија денес се засноваат на сличен основен концепт; ветрот ги врти лопатките на турбината која е поврзана со генератор кој создава електрична енергија.

Ветерната енергија е една од најбрзорастечките извори на енергија на глобално ниво и во 2019 година нејзиниот капацитет се зголеми за 19% (над 60 гигавати) во споредба со 2018-та година. Глобалниот Совет за Ветерна Енергија (Global Wind Energy Council) истакна дека 2018-та била една од најважните години за оваа индустрија.

Видови на енергија од ветер

Иако може да има варијации во дизајнот, енергијата од ветерот генерално се произведува со употреба на турбини или ветерни електрани (ветерници). Ветерниците можат да бидат поставени на копно (onshore) или на море (offshore). Копнените ветерници (onshore) се користат како самостојни или во мал број за напојување на мали заедници или земјоделски здружувања, но истите можат да бидат инсталирани и во поголем број: во ветерна фарма или парк на ветерни електрани. Парковите на ветерни електрани се користат за напојување на електрична енергија во електричната мрежа на земјата за производство на енергија во поголеми размери.

Ветерниците инсталирани на море (offshore) можат да ги искористат посилните и побрзите ветрови. Системите на оф-шор-ветер се понов концепт, но нивната популарност се’ повеќе се зголемува. Меѓународната агенција за енергетика предвидува дека инсталирањето на ветерни турбини на најдобрите локации на море низ целата планета може да биде доволно за да се обезбеди енергија која ќе ја задоволи глобалната побарувачка.

Ветерната енергија во Северна Македонија

Во 2018 година, Северна Македонија генерираше само 97.338 MWh од ветерна енергија што изнесува само 1,8% од вкупниот енергетски микс. Во моментов има само една фарма со ветерници во земјата лоцирана близу Богданци. Фармата генерира 36,8 мегавати, но распишан е тендер за проширување на 50 MW. Ветерната фарма во Богданци беше прва од ваков вид на територијата на Западен Балкан.

Ширум земјата се очекува да се градат уште две фарми со ветерници кои треба да го донесат вкупниот капацитет на Северна Македонија до 86 MW. Според Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, енергијата на ветерот е извор на енергија со најголем потенцијал за раст во земјата (до скоро 5 GW), но се чини дека сегашните владини решенија придонесуваат за поголем фокус на хидроенергијата која има сериозни влијанија врз животната средина и општеството, не е економски одржлива и има потенцијал за раст само до 0,76 GW.

Доброто, лошото, иднината

Енергијата од ветерот се смета за обновлив и чист извор на енергија. Производството на електрична енергија преку ротирање на ветерните турбини не произведува емисии и не вклучува хемикалии. Исто така, ваквата енергија е рентабилна и станува сè повеќе рентабилна со текот на годините и светот полека се оддалечува од валканата фосилна енергија како што се нафтата и гасот. Енергијата од ветерот е еден од најисплатливите извори на енергија и е релативно стабилна.

Во декември 2019-та година за време на особено ветровит викенд, корисниците на Октопод Енерџи, снабдувачот за обновлива енергија во Велика Британија, имаа голема корист. Тој викенд, Октопод Енерџи ги охрабри своите корисници да ги користат своите електрични уреди, да ги вклучат своите машини за перење алишта и садови и да ги наполнат своите електрични уреди и возила, бидејќи ветровитото време генерираше околу 45% од енергијата во земјата тоа неделно утро. Меѓу другото, корисниците заработуваа приближно 7 (ЕУР) центи за секој киловат-час што го користеа за тоа време.

Освен можноста за заштеда, секторот за ветерна енергија создава значителен број на работни места и позицијата на ветерни турбински техничари е една од најбрзорастечките работни места во САД во последните десет години. Веретниците исто така можат да бидат корисни за земјоделците бидејќи тие можат да се постават на земјоделско земјиште или во рурални места, а земјоделските активности да продолжат непречно. Така земјоделците би биле обезбедени и со дополнителен приход.

Секторот за ветерна енергија има и неколку предизвици. Бидејќи ветерниците и ветерните паркови често се инсталираат на оддалечени места, постои логистички предизвик за нивното поврзување со електричната мрежа. Ветерниците може да предизвикаат одредена количина на бучава од ротирачките лопати. Направени се студии за нивоата на бучава и откриено е дека тие не се штетни за здравјето на луѓето на кој било начин. Без оглед на тоа, се инвестира во истражувања и технолошки развој за да се изнајдат решенија за ова. Некои од критичарите на ветерната енергија исто така посочуваат дека ветерниците создаваат „естетско загадување,” меѓутоа, ова прашање е доста субјективно. На крајот на краиштата, тоа се сведува на тоа дали го претпочитате погледот на ветерните турбини кои произведуваат чиста енергија или електрани што испуштаат токсични и штетни емисии во воздухот, почвата и/или подземните води.

Еден од главните аргументи против ветерната енергија е дека ветерниците убиваат птици и лилјаци. Иако ова е точно, индустријата има вложено многу ресурси и истражување во борбата против ова. Темелното оценување на влијанието врз животната средина пред да се инсталираат ветерниците е од суштинско значење; во суштина, тие не смеат да бидат инсталирани по важни патеки за миграција или живеалишта на птици. Во моментов, турбините убиваат помалку од 0.02% на птици и овој процент веројатно ќе продолжи да опаѓа со развојот на технолошките достигнувања. Ова е значително помал од судирите на птиците во телекомуникациските кули, далноводите и околу три до четири пати помал од судири на птиците во згради. Истражувањата покажуваат дека најголемиот број на птици на годишно ниво се всушност убиени од мачки (домашни миленици).

Друг предизвик со кој се соочуваме во однос на користење на ветерната енергија, впрочем како и соларната, е проблемот со непостојаноста на ветерот како извор на енергија. Ова значи дека енергијата се произведува само кога дува ветер. Постојат различни потенцијални решенија за ова прашање, вклучително и меѓусебно поврзување на мрежите на земјите во регионот и пошироко (со една супер-мрежа), складирање на енергија и управувањето со побарувачката на електрична енергија. На овој начин експертите тврдат дека идното влијание на непостојаноста и прекините во секторот на обновлива енергија ќе биде релативно ниско.

На крај, најголемото и потенцијално најчувствителното прашање со ветерната енергија се материјалите потребни за производство на оваа технологија. Старите ветерници треба правилно да се рециклираат и додека бројот на еколошки чувствителни материјали потребни за ветерната енергија не е толку голем како кај ПВ (сончевите) панели, сепак треба да се решат негативните влијанија од екстракцијата и ископувањето на потребните минерали. Овој проблем ќе го разгледаме подетално во посебна статија.

Напредокот во технологијата на ветерната енергија и дискусиите водени околу одговорното потекло на материјали се добри и охрабрувачки знаци за иднината на овој сектор. Сепак, како и со соларната енергија, мора да имаме во предвид дека едноставното „заменување” на процесите од кои ја добиваме нашата енергија од валкана (фосилна) во обновлива, а притоа не справувајќи се со основните недостатоци и неправедности во моменталниот социо-економски систем кој се заснова на нееднаква дистрибуција на богатство, енергија, ресурси и го препишува успехот на „високиот БДП,” ризикуваме и во иднина да пропаднеме во истите стапици и вкрстени кризи во кои се наоѓаме сега.

Пишуваат: Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа

Извори:

  1. Renewable Energy: The Clean Facts (NRDC)
  2. Wind Energy Basics (NREL)
  3. Advantages and Challenges of Wind Energy (Energy.gov)
  4. FAQs about Wind Energy (Energy.gov)
  5. Renewable energy statistics (Eurostat)
  6. The Guardian: 1, 2, 3, 4
  7. Wind energy’s big disposal problem (DW)
  8. The energy sector in North Macedonia (Bankwatch)
  9. N. Macedonia invites bids for expansion of Bogdanci wind farm (Renewables Now)

Strategy for Energy Development of the Republic of North Macedonia up to 2040