[Став] Општеството без кеш е измама зад која стојат големите финансиски институции

Пишува: Брет Скот за Гардијан

Низ целиот Западен свет банките ги затвораат банкоматите и своите експозитури. Тие се трудат да ве натераат да ги користите нивните дигитални плаќања и дигиталната банкарска инфраструктура. Исто како што Гугл сака секој да пристапи и да се движи низ интернетот преку нивниот приватно контролиран портал за пребарување, така и финансиските институции сакаат секој да пристапува и да се движи низ економијата преку нивните системи.

Другата намера е да се намалат трошоците за да се зголеми профитот. Експозитурите имаат потреба од вработени луѓе. Нивната замена со стандардизираните самоуслужни апликации им овозможува на високите менаџери од финансиските институции директно да ја контролираат и надгледуваат интеракцијата со потрошувачите.

Банките, секако, ни кажуваат поинаква приказна околу причините зошто го прават ова. Скоро добив писмо од мојата банка во која ми укажуваат дека ја затвараат локалната експозитура бидејќи „корисниците се префрлаат на дигитални услуги“ и поради тоа тие „одговараат на променетите желби на потрошувачите“. Јас сум еден од корисниците на кои се повикуваат, но јас никогаш не сум побарал од нив да затвораат експозитури.

Овде постои ограничен круг на фидбек. Преку затворањето на експозитурите, или повлекувањето на нивните банкомати, тие ми отежнуваат да ги користам овие услуги. Многу поверојатно е дека ќе „изберам“ дигитални опции доколку банките намерно ми отежнуваат да изберам не-дигитални опции.

Во бихејвиористичката економија ова се нарекува „туркање“ (nudging). Доколку моќна институција сака да ги натера луѓето да изберат одредена работа, најдобрата стратегија е да го направи потежок алтернативниот избор.

Ова можеме да го илустрираме низ примерот на самоуслужните наплатни каси во супермаркетите. Вистинската намера е да се заменат вработените со самоуслужни машини за намалување на трошоците. Но, супермаркетите мораат да ги убедат нивните потрошувачи. Токму затоа тие првично ги презентираат самоуслужните наплатни каси како убава алтернатива. Кога некои луѓе ќе започнат да ја користат оваа алтернатива, супермаркетот тоа го објаснува како доказ за промена на однесувањето на потрошувачите, што потоа го користат за оправдување на намалување на вработените на наплатните каси. Овие потези го прават помалку практично користењето на наплатните каси со луѓе, што ја зголемува веројатноста тие да ја користат машината. Постепено ве тргаат од вработените луѓе и ве „туркаат“ кон самоуслужувањето.

На сличен начин финансиските институции се обидуваат да ве турнат кон безготовинското општество и дигиталното банкарство. Вистинскиот мотив е корпоративниот профит. Платежните компании како Виза и Мастеркард сакаат да ја зголемат количината на дигиталните платежни услуги кои ги продаваат, додека банките сакаат да ги намалат трошоците. Туркањето се состои од два дела. Првин, тие мораат да ја зголемат непрактичноста во пристапот до кеш, банкоматите и експозитурите. Второ, тие мораат жестоко ја промовираат алтернативата. Нивниот план е да направат луѓето да „научат“ дека сакаат дигитално и тогаш да го „изберат“ тоа.

Од марксистичкиот филозоф Антонио Грамши може многу да се научи во овој поглед. Неговиот концепт на хегемонија се повикува на начинот на кој моќните страни го користат културното и економско окружување така што нивниот интерес почнува да се доживува како природен и неминовен од страна на широката јавност. Пред 20 години никој не стоеше на улица да вика на целиот глас за придобивката од дигиталното плаќање, но се повеќе изгледаше очигледно дека тоа е „природно“ и дека треба да доминира. Тоа уверување не е паднато од небо. Тоа е директен резултат на хегемонистички проект од страна на финансиските институции.

Можеме да научиме и од концептот на интерпелација на Луис Алтхусер. Основната идеја е дека можете да ги натерате луѓето да прифатат уверувања доколку комуницирате со нив на начин како тие веќе да ги имаат тие уверувања. Пред дваесет години никој не веруваше дека кешот е „непрактичен“, но секој пат кога влегував во лондонското метро гледав реклами кои ми се обраќаа како да сум личност која сфаќа дека кешот е непрактичен. Намерата е да се направи обратен-инженеринг на моето уверување дека тоа е непрактично и дека безготовинското општество е во мој интерес. Но, безготовинското општество не е во твој интерес. Тој е во интерес на банките и платежните компании. Нивната работа е да направат да верувате дека е во ваш интерес исто така и успеваат во тоа.

Последниот хаос со Виза картичките, во кој милиони луѓе кои станале зависни од дигиталното плаќање, одеднаш се најдоа заглавени кога монополистичката платежна мрежа се сруши, беше привремен чекор наназад. Дигиталните системи можеби се „практични“, но тие често доаѓаат со некакви централни точки на проблем. Кешот, од друга страна, не може да се сруши. Не се базира на надворешни центри на податоци и не е предмет на надворешна контрола или надворешен мониторинг. Кеш системот овозможува простор „исклучен од мрежата“, кој не се надгледува. Ова истовремено е причина зошто финансиските институции и финансиската технологија сака да се отараси од него. Кеш трансакциите се надвор од мрежата кои ја плетат ваквите институции за да добиваат провизии и податоци.

Безготовинско општество носи опасности. Луѓето без банкарски сметки ќе се најдат дополнително маргинализирани, оддалечени од кеш инфраструктурата која претходно ги издржувала. Постојат и слабо сфатени психолошки импликации околу тоа како кешот охрабрува самоконтрола, додека плаќањето со картичка или преку смартфон охрабрува трошење. А безготовинското општество има и големи последици во поглед на надзорот.

И покрај ова гледаме усогласеност меѓу владите и финансиските институции. Министерството за финансии пред некое време организираше јавна консултација во врска со кешот и дигиталните плаќања во новата економија. Се презентираше во обид да постигне баланс, посочувајќи дека кешот сè уште е важен. Но, годините на тивко лобирање од финансиските институции очигледно се исплателе. Повиците за докази, одново и одново ги потенцираат негативните елементи на кешот – поврзувајќи го со криминалот и даночната евазија – но ретко споменувајќи ги негативните импликации од дигиталното плаќање.

Британската влада избра да биде промотор на индустријата на дигитални финансиски услуги. Тоа е неодговорно и неискрено. Мораме да престанеме да ги прифаќаме приказните за безготовинското општество и хипер-дигиталното банкарство како „природен прогрес“. Мораме да препознаеме дека секое затворање на банкомат е уште еден чекор во кампањата на финансиските институции да ве гурнат зад нивните дигитални огради.

  • Брет Скот е активист и поранешен брокер. Автор е на книгата „Еретички водич за глобалните финансии: Хакирање на иднината на парите“.