[Став] Оценувањето и короната

Елизабета Секирарска

Дома сме. И ние учителите и нашите ученици ја живееме нашата разделеност на начин кој во ваквите услови е единствено можен – затворени, со доза на загриженост, без директни социјални конекции кои по сите основи ги делевме во училницата – и ние со нив, и тие меѓусебе. Секој ученик за нас како наставници е приказна за себе, индивидуа со свои лични референци кои ги земаме предвид кога го градиме односот со него, а секојдневниот личен контакт ни овозможува директно да го следиме во ситуационите аспекти на учење и однесување и согласно со нив, да го дефинираме пристапот кон него кој би бил соодветен и кој би му го олеснил, за нас како педагози, многу јасниот формат на тинејџерско однесување.

Кога сме во училница, ние не сме само формални пренесувачи на задолжителните содржини и оформувачи на достигнувањата на учениците преку системот на оценување. Ние сме таму и затоа што им нудиме во живо и една особена животно-учебна естетика, која така директно и конкретно приближена им оформува креирање поглед на нештата кои се вон и над она што им го предаваме. Учат од нас однесување, посветеност, пристап кон животот и она што тој го носи со себе – она што сега, во овие мачни околности веќе не е возможно. Она што е сигурно, ваквиот формат на секојдневие на живот и комуникација во стресни вонредни услови не е едноставен, особено ако моделите на соработка со учениците кои сите во овие околности ги користиме, се замислени и реализирани така да треба целосно да ни го заменат моделот на програмата „во живо“, оној кој меѓусебно сме го изградиле и во кој умееме заеднички да функционираме. Особено кога е оценувањето во прашање.

Затоа, она што треба да се изговори е секако фактот дека ниту една платформа, ниту еден модел на он-лајн контакт и ниту еден формат на виртуелен учебен амбиент не може да ја замени магијата на училницата која подразбира и насмевка, и поглед, и совет, и насочување, и посочување и заедничко зреење, конечно. И нивно покрај нас и наше покрај нив. Оттука, сакам да го нагласам и фактот дека вонредните услови на учење би требало да подразберат и вонредни формати на пристапи до учениците, што ќе рече дека, иако секако е за огромна пофалба напорот на надлежните да се најдат и употребат начини за реализација на содржините во вакви услови, сепак треба да се внимава на барем две нешта:

1.На степенот на импровизации кој ќе се оправда со моделот „подобро нешто отколку ништо“ (заради фактот дека нештото може да направи поголема штета отколку ништото во услови кога не е дефинирано како што треба. Со сета почит, но неспорно е дека напорот да има настава која би течела како да не сме во вонредни околности полека прераснува во товар за двете страни, од проста причина што првин ни недостасува претходно осмислен, изграден, тестиран и докажан со резултати систем на ваква настава, со самото тоа и искуство во оваа област, а потоа недостасува и согледувањето на фактот дека не секој од нас како учител и не секој од нив како како ученик е во состојба да се реализира себеси низ овој процес онака како тој би требало да подразбере. Не секој од нас како наставник, реално гледано, може навистина да е на висина на задачата, а не секое дете е обезбедено со компјутер и интернет конекција. Конечно, вонредни околности подразбираат и вонредни формати на однесување – токму затоа што поинаков амбиент не може да подразбере еднакви модели на однесување, како оние кои се реализираат во нормални услови. Тоа значи дека алтернативен модел на настава, колку и да е современ, не може да го намали проблемот со неможноста за редовната настава и да функционира во истиот формат, со фокус кон системот на оценување.)

2.На степенот на прифаќање на ваквите пристапи од страна на децата, во услови кога секој од нас секојдневно од нив бара посветеност во следењето на виртуелната настава, извршување на задачите кои им ги даваме, потсетување дека имаат рокови до кога ќе треба да завршат. Ги изморивме, а само што почнавме. Секој ден се вклучуваат за различни часови или во зависност од конкретната онлајн алатка која наставникот ја користи, проследуваат различна материја. Секој ден им пренесуваме содржини како да сме во училницата. Секој ден од нив бараме да одговорат на она што им го поставуваме како задача.

Пак ќе повторам, го ценам убавиот и професионален напор на надлежните кои нас не насочуваат како децата да бидат анимирани и тоа го сметам за исправно, со оглед на фактот дека состојбата навистина е непредвидлива и не се знае до кога ќе трае. Она што сакам да го нагласам е нешто сосема друго – сметам дека во вакви услови, на учениците треба да им овозможиме ваквиот модел на настава да го доживеат како простор за креативен израз, како надоградување на она што го учат, а не како модел на настава кој само локациски гледано целосно е преместен од училница на интернет, со еднакви концепти по основ на обврските на учениците. Ова дотолку повеќе што мислам дека во вакви околности, кои се товар и подразбираат неспокој, забораваме еден важен факт: и децата се грижат. И тие се во, за нив, неприродна и непозната изолација која ги плаши и ги прави несигурни. И за нив оваа мачна состојба е состојба на предизвик, со која не е лесно да се соочиме ниту ние возрасните. Си ги гледаат родителите дома во истиот неспокој. Го живеат истиот, секој ден и веќе толку време да се чини предолго, а се чини, има уште многу да трае.

Затоа мислам дека засега, она што треба да се прави е секако да се продолжи со изнаоѓање и употреба на интернет решенија за контакт со децата и нивно „држење во состојба на приправност“ додека се во изолација, но притоа да се земе предвид дека наметнатото е многукратно потешко за прифаќање, ако во себе нема елементи на слободна рамка за учениците, на истражување на новото, на градење интерес за поинаков израз на учениците, кои сепак можат да покажат колку знаат, а да не се исправени пред оценка и стресот кој таа сама по себе го подразбира – секое дете е со ниска мотивација во вакви услови. Затоа, да го надминеме „морањето“ зачинето со закани дека ќе бидат оценувани, тестирани и други слични аспекти на нивно следење во формална смисла. Особено затоа што знаеме дека постојат и поинакви мерни инструменти преку кои можеме да согледаме колку учениците усвоиле и како го разбираат истото – различни методи за вреднување кои во основа подразбираат и насоченост кон развојот на ученикот, не само кон базичното сознајно ниво кое го достигнал.

Накусо, тоа би значело дека сега треба да им поставуваме барања низ кои можат да покажат способност, вештина и приод кон наученото преку разработка на сопствени начини за апликација на материјата во практична смисла, во аутентична и само за нив поединечно важечка симулација на наученото во реални околности – проекти, симулации, студии на случај, трудови кои бараат размислување. Со тоа ќе излеземе од рамката на формалната комуникација која ќе подразбере оценка и секако, ќе работиме на градење на нивната одговорност кон себеси во состојбата во која се наоѓаат и на поттикнување да учат затоа што еден ден, тоа ќе им биде потребно. Исто така,особено треба да внимаваме и на насоката да евидентираме отсутни ученици во моментот кога реализираме он лајн час, што го сметам за сериозна педагошка утка, бидејќи не знаеме зошто детето не е со нас, ниту пак имаме основ за вакво, условно кажано, своевидно санкционирање.

Конечно, ќе завршам со тоа што ќе кажам дека она што ни е најголема обврска е да се фокусираме и на нивната сигурност, која сега им е сериозно изместена и која толку многу им е потребна. Ги оценуваме цел живот, откако се седнати во клупите. Не мора и сега да постапуваме на ист начин. Сега е моментот да им помогнеме да бидат посмирени во услови кога тоа не е возможно. Да им овозможиме полесно да го надминат ова што за нив значи непознат терен – лекција, која сега им е најмногу потребна.

Елизабета Секирарска